06.03.2012, 12:06 Арифи денеска на средби со Филе и Брок
Вицепремиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи, која престојува во дводневна работна посета на Брисел, денеска ќе учествува на дебатата „Дали можеме 2012 година да ја претвориме во година на успех?“ што ќе се одржи во Европскиот парламент.
Арифи ќе оствари и средби со комесарот за проширување на Европската комисија Штефан Филе и со претседавачот на Комисијата за надворешна политика при Европскиот парламент, Елмар Брок.
Вчера Арифи во Брисел пред претставници на Европската комисија ја презентираше Националната програма за усвојување на правото на ЕУ за 2012 година.
Според вицепремиерката Арифи, вчерашната дискусија била одлична можност за појаснување на темите кои ќе бидат опфатени во претстојниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и ЕУ, што ќе го водат премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штафан Филе и треба да почне на 15 март во Скопје. Националната стратегија ги опфаќа политичките критериуми, активностите и реформате кои се преземаат во делот на јавната адмииистрација, во судството, дијалогот со преставниците на медиумите, економските критериуми, како и реформате поврзани со изборниот процес.
|