05.03.2012, 12:06 Мистериозна смрт на девојка во битолско Древеник
Убиство или самоубиство, каква судбина ја снашла 22-годишната Ѓулзера Мирто, која е пронајдена застрелана во срцето
Битола - Убиство или самоубиство. Каква судбина ја снашла 22-годишната Ѓулзера Мирто од битолското село Древеник, еден ден по нејзината смрт се уште е мистерија. Девојката вчера предпладне била најдена мртва со прострелна рана во пределот на срцето и тоа далеку од својата куќа во планината. Земената парафинска ракавица од мртвата девојка треба да го даде одговорот за овој неразјаснет случај. Полицијата се уште трага по оружјето со кое и е окончан животот на девојката. Приведени на сослушување се 12 лица – меѓу нив е и семејството на девојката, како и четворица соселани и тројца ловџии.
Древеник се наоѓа на оддалеченост од 20 километри од Битола, високо во планината над селото Лисолај. Древеник одамна е иселено, сега само две семејства престојуваат во ова планинско село. Таму според сегашните мештани од секогаш живееле Албанци, но мигрирале во околните градови.
Семејството на несреќната девојка како сточари со овците и крупен добиток привремено престојувале тука во текот на зимата. Тие потекнуваат од дебарското село Новак. Од таму кој и зошто би ја убил девојката или ако веќе сама си посегнала по животот, тогаш каде е оружјето? Засега овие прашања остануваат неодговорени.
Според полицијата, Ѓулзера уште во саботата околу 16.30 часот излегла од дома и не се вратила. Нејзиниот татко пројавил во полиција дека девојката исчезнала оддалечувајќи се од куќата во која престојувале во непознат правец. Во неделата околу 13.30 часот, 42- годишен битолчанец, кој привремено престојувал во селото, пријавил во полиција дека еден час пред тоа, во близина на Древеник го пронашол мртвото тело на девојката. Полицијата веднаш излегла на терен и направила увид. (А.Б.)
(Поопширно во утрешното печатено и електронско издание на „Утрински“)
|