06.03.2012, 13:30 Барозо: Излегувањето на Грција од еврозоната би било катастрофа
Според него, евентуален банкрот на Грција би предизвикал домино ефект кој би имал последици и врз другите членки на еврозоната
Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо смета дека излегувањето на Грција од еврозоната би било катастрофално за жителите на земјата.
- Знаеме како им беше на граѓаните на јужноамериканските земји кога нивните земји банкротираа. Покрај тоа, ова би било прв случај на банкрот на една членка на нашата монетарна унија, укажа Барозо во интервју за виенскиот весник „Пресе“.
Според него, евентуален банкрот на Грција би предизвикал домино ефект кој би имал последици и врз другите членки на еврозоната. Барозо смета дека во таковв случај би требало да се зголеми помошта за други земји во еврозоната погодени од криза.
Истовремено тој изрази уверување дека Грција може да ја надмине кризата, додавајќи дека не гледа никаква алтернатива со „големите напори за штедење“.
- Секако гледаме дека програмите за штедење моментно предизвикуваат рецесија, но поаѓам од тоа дека Грција ќе постигне нова конкурентност, рече Барозо. - Банкрот би водел кон уништување на инвестициската клима, а тогаш нема економски раст, ниту пак заздравување, предупреди тој.
Зборувајќи за „демократизацијата на Европа“, Барозо оцени дека е „потребна европеизација на национална политика, наместо национализација на европска политика“.
- Возот мора да се движи повеќе во правец на политичката интеграција за да бидеме подготвени за глобализација, порача Барозо, додавајќи дека Европската комисија во тоа се повеќе ја превзема улогата на економска Влада.
|