06.03.2012, 14:06 Де ла Роса нов лидер на возачите
Пилотот на Хиспанија рејсинг тим, Педро де ла Роса, ќе го наследи Рубенс Барикело на функцијата претседател на Асоцијацијата на гранпри-возачите (ГПДА)
По отказот од Вилијамс, богатата Ф1-кариера на Барикело дојде до крајот, барем засега, а последица од тоа е што Бразилецот нема да може да продолжи да претседава со ова тело. Во јавноста дури сега излезе информацијата дека возачите уште минатата година гласале во прилог на тоа ако Барикело не се врати на патеката, да биде заменет од Де ла Роса. На Шпанецот не му е туѓа оваа улога, бидејќи претседаваше со Асоцијацијата од 2008 до 2010 година.
„Сакам секогаш да бидам дел од ГПДА во некоја форма“, изјави тој за „Аутоспорт“. „Сметам дека ГПДА е многу поважна организација од тоа што некои луѓе можеби мислат. Фактот дека ние сме речиси сите заедно не' прави многу силни. Атмосферата на состаноците е добра. Нема проблеми меѓу возачите. Сите ние сме на истиот чамец, весламе заедно и јас сум многу среќен што се враќам назад“.
|