06.03.2012, 13:54 „Пет капки сон“ на Манчевски во Белград
Изложбата е отворена во галеријата „Артгет“ во Културниот центар на Белград, каде од вчера се презентирани 49 низи од по пет фотографии, поставени хоризонтално
Изложбата на фотографии „Пет капки сон“ на Милчо Манчевски е отворена во галеријата „Артгет“ во Културниот центар на Белград, каде од вчера се презентирани 49 низи од по пет фотографии, поставени хоризонтално.
Манчевски на публиката по овој повод и е претставен како активен автор во современата уметност (филм, визуелни уметности и книжевност).
Изборот на фотографиите е направен од неколку илјади фотографии што тој ги снимал одвоено во период подолг од една деценија во вид на записи за мноштво секојдневни настани, улични сцени, снимања, интимни белешки и од неговите постојани патувања, меѓу кои се и посетите на Индији, Азија и Африка
Според Зоран Петровски, кустос во Музејот на современа уметност во Скопје, изложбата претставува необичен фотографски патепис за задоволството и радоста на гледањето и откривањето на секој момент од постоењето на светот околу нас „...Интензитетот на флуктуирачката размена на форми, бои и содржини, кој постои во композициите, успева не само да продре под површината на баналноста на секојдневните животни ситуации и да ја покаже нивната скриена поетика, туку таа стварност и да ја трансформира во нешто кое истовремено и се приближува на музичката или на поетската композицији“, вели Петровски.
Изложбата претходно беше презентирана во Скопје во 2010 година, па следуваа Нови Сад и Софија. По Белград, таа ќе замине на Биеналето за фотографија во Амстердам, а за јуни е најавено отворање во галерија во Челси во Њујорк. Од таму, како што информира Манчевски, „Пет капки сон“ ќе го продолжи својот пат и за Финска. (К.Б.)
|