05.03.2012, 18:17 ВИП преживеан стартува од 12 март
Девет мажи и девет жени ќе преживуваат на Костарика во трка за главната награда од 50.000 евра.
До каде ќе стасаат македонските претставници - водителот Жаре Бербер и манекенката Александра Накова?
Ќе биде ли еднакво интересна новата сезона од реалното шоу ВИП преживеан, како претходната во која учествуваше македонскиот рапер Тони Зен? Одговорот ќе го дознаеме на 12 март, на фреквенцијата на ТВ Сител, за кога е закажан официјалниот старт на популарното реално шоу во кое ќе учествуваат осумнаесет познати и помалку познати учесници од Србија, Хрватска, Македонија и Црна Гора.
Македонски претставници, како што веќе пишувавме, се водителот Жаре Бербер и манекенката Александра Накова. Снимањето е завршено, а натпреварувачите што престојуваа 45 дена на Костарика, борејќи се за главната награда од 50.000 евра, се веќе во своите домови. Драматични борби, караници, освојување на имунитет, испаѓања ќе гледаме во наредните три месеци во кои познатите се борат за гол живот, едни против други, но со иста цел: да преживеат и да победат! Нивната издржливост, смелост, снаодливост и волја секојдневно ќе бодат на тест. Дневните борби ќе носат мали награди и ќе го олеснуваат животот, но само на неколку часа.
Првата љубов се случила меѓу сестрата на познатата пејачка Наташа Беквалац, Кристина, и црногорскиот манекен и актер Никола Соч, а Миа Беговиќ, иако најстара, со свои 49 години се покажала како најсилна, извршувајќи ги сите обврски пожртвувано, била задолжена и за готвење, а многу лесно се снашла и наоѓајќи замена за цигарите - пушела листови од кокос и палма. Ова се само дел од случувањата што ќе ги гледаме во наредниот период како дел од екстремните услови за преживување на пустиот остров каде што најголем проблем за учесниците била храната и нехигиенските услови. Драма се случила уште во почетокот на снимањето кога бродот со кој биле превезувани учесниците до островот го зафатила бура, но, за среќа, никој не бил повреден. И во оваа сезона како водител ќе го гледаме Андреја Милошевиќ, кому друштво ќе му прави колешката од Хрватска, Маријана Батиниќ. |