06.03.2012, 11:09 Владиниот тим денеска во индискиот град Пуне
На бизнис форумот, што го организира Индиската асоцијација за авто компоненти, нашата делегација пред повеќе индиски компании ќе ги претстави инвестициските можности што ги нуди Македонија
Македонска владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, денеска, на вториот ден од посетата на Индија, престојува во градот Пуне, познат по најголема концентрација на компании од автомобилската индустрија.
Владиниот тим, во чиј состав се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони Виктор Мизо, во Пуне ќе учествува на бизнис форум, соопшти владината прес-служба.
На форумот, што го организира Индиската асоцијација за авто компоненти, владината делегација пред повеќе индиски компании ќе ги претстави инвестициските можности што ги нуди Република Македонија.
Вчера во Њу Делхи македонската делегација ги претстави потенцијалите за инвестирање во Македонија на два одделни бизнис форуми, а премиерот Никола Груевски имаше средба со индискиот премиер Манмохан Синг.
|