06.03.2012, 11:44 Девојката од Древеник се самоубила
Ѓузела Мирто која беше најдена мртва со прострелна рана во пределот на срцето и тоа далеку од својата куќа во планината се самоубила со пиштол Застава, сопственост на нејзиниот татко
Битола - Ѓулзера Мирто (22 години) од битолското село Древеник сама си го одзела животот. Девојката која во неделата претпладне беше најдена мртва со прострелна рана во пределот на срцето и тоа далеку од својата куќа во планината се самоубила со пиштол Застава, сопственост на нејзиниот татко, што го поседувал со дозвола.
Земената парафинска ракавица од мртвата девојка го даде одговорот за овој несреќен случај. Полицијата со помош на детектор за метал го пронашла пиштолот пропаднат во снегот во близина на местото каде што било пронајдено и телото на девојката на околу еден километар надвор атарот на селото Древеник.
Бидејќи овој случај на почеток беше обвиткан во мистерија приведени на сослушување беа 12 лица – меѓу нив и семејството на девојката, четворица соселани и тројца ловџии.Исчезнувањето на девојката во саботата го пријавил нејзиниот татко, откако не се вратила дома.
„Попладнето го најдовме пиштолот во близина на мртвото тело со детектор. Случајот е затворен како самоубиство. Кај приведните дванаесет мина анализите од парафинска ракавица беа негативни“, потврди Жоко Стрезовски портпарол на СВР Битола .
Сега останува непознато кој бил мотивот младата Ѓулзера да си посегне по сопствениот живот. Древеник се наоѓа на оддалеченост од 20 километри од Битола, високо во планината над селото Лисолај. Древеник одамна е иселено, сега само две семејства престојуваат во ова планинско село. Таму според сегашните мештани од секогаш живееле Албанци, но мигрирале во околните градови. Семејството на несреќната девојка како сточари со овците и крупен добиток привремено престојувале тука во текот на зимата. Тие потекнуваат од дебарското село Новак. (А.Б.)
|