05.03.2012, 14:53 СДСМ со пакет економско-социјални мерки до Владата
СДСМ денеска пред Владата на Република Македонија презентираше дел од пакетот економско-социјални мерки кои се насочени кон буџетот на државата.
- Предлагаме богатите да плаќаат повеќе данок, зголемување на царинските приходи преку ставање во употреба на скапо платените мобилни скенери за царинска проверка на возила, воведување данок за користење на македонските природни богатства, како и мерки за буџетски заштеди, изјави потпретседателот на партијата Зоран Јовановски.
СДСМ смета дека економските промотори треба да се вратат во Македонија зашто се скапо платени, а неефикасни. Овој концепт на привлекување инвестиции, посочи Јовановски, мора комплетно да се смени.
Според опозициската партија, треба да се намали ставката Стоки и услуги во буџетот за 10 отсто што во Основниот буџет и фондовите би значело заштеда на 50 милиони евра, но и да се воведе прогресивно оданочување кај персоналниот данок на доход. Сите лица што имаат месечни приходи во висина до две просечни плати и натаму да плаќаат персонален данок на доход по непроменета даночна стапка од 10 отсто, оние со месечни приходи во висина од две до четири просечни плати, за делот што е над две плати да плаќаат персонален данок на доход по даночна стапка од 12 проценти, а тие што имаат месечни приходи поголеми од износот на четири просечни плати, за делот што е над четири плати да плаќаат персонален данок на доход по даночна стапка од 15 отсто.
СДСМ бара и замрзнување на владините рекламни кампањи и промоции во 2012 година, откажување на проектите Панорамско Тркало, сплавови на Вардар, катна гаража во барок стил во центарот на Скопје и намалување за 30 отсто на бројот на членови на управните одбори во јавните институции и претпријатија.
Откако информираше за економско-социјалните мерки, потпретседателот на СДСМ го достави предлогот до Владата. - Очекуваме премиерот и неговиот тим да не повикаат на првата наредна седница на владиниот економско-социјален совет за да разговараме за мерките, рече Зоран Јовановски.
|