05.03.2012, 14:57 Стана Смиљковиќ ја доби меѓународната награда „Ана Франк“
Српската писателка ја доби наградата за книгата „Прозното и поетското творештво за деца на Славко Јаневски“
Српската писателка Стана Смиљковиќ ја доби меѓународната награда „Ана Франк“ за книгата „Прозното и поетското творештво за деца на Славко Јаневски“, која за исклучително книжевно творештво за деца и млади ја доделуваат издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација „Македонија презент“.
Одлуката едногласно ја донела жири-комисијата во состав: Благица Петковска, Христо Петрески и Билјана Станковска.
Стана Смиљковиќ е редовен професор и декан на Учителскиот факултет во Врање. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет во Скопје и е меѓу најдобрите познавачи и најголеми афирматори на македонската литература за деца и млади во странство. Главен и одговорен уредник е на списанието „Методичка практика“ и основач и претседател на Балканската асоцијација на педагошките, учителските и другите сродни факултети.
Посебен фах на Смиљковиќ е авторската бајка и таа досега има напишано и објавено голем број научни текстови за творештвото на Славко Јаневски, Видое Подгорец, Марко Цепенков и за други најзначајни македонски литературни творци. „Смиљковиќ е истакнат и плоден научен работник, со повеќедецениско искуство во струката и со чувство за актуелните теми во наставата и науката. Таа е автор на голем број книги, но и трудови публикувани во тематски зборници и научни списанија“, соопштуваат од „Феникс“.
Досегашни добитници на меѓународната награда „Ана Франк“ се Криста В. Јохансен и Тиодор Росиќ. (Т.И.)
|