Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Онлајн Магазин
04.03.2012, 18:32

Александар Прокопиев доби „Балканика“ за „Човечулец“

Книгата на Прокопиев е едногласно избрана меѓу седум номинирани дела

Катерина Богоева


Македонскиот писател Александар Прокопиев е лауреатот на меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2010 година, која вчера му беше доделена за книгата „Човечулец“, чиј издавач е „Магор“. Наградата пред присутните на свеченоста, збогатена и со музика на групата „Чалгија“, во киното „Фросина“ ја соопшти Ендрју Вахтел, претседателот на жири-комисијата, а му ја доделија претседателот на Фондацијата „Балканика“, Николај Стојанов, и Снежана Ристовска, државна советничка во Министерството за култура.

„Ова е многу мало коњче, но навистина тешко. Сакам да кажам дека мојата прва голема награда не ја освоив во литературата, туку во биологијата, како средношколец во истражување за белите глувци. Кога новинарката ме праша со што ќе се занимавам во животот, се зачуди кога и' одговорив, со литература. Сметам дека со литературата поголеми се шансите да бидеш видлив. Почестен сум што бев во ваков круг на учесници. ��амерно велам учесници, затоа што во литературата нема конкуренти, ние заедно споделуваме убави светови и знаци. Ние што се занимаваме со литература, сме попривилегирани од други професии кои се повидливи, како на пример, политичарите. Но, во ова наше време, можам да кажам дека среќата не е на нивна страна“, изјави вчера Прокопиев, кој е 14. добитник на наградата што не беше доделена минатата година.

Претседателот на жири-комисијата Ендрју Вахтел, говорејќи за „Човечулец“, меѓу другото рече дека оваа книга која комисијата едногласно ја избрала, „се одликува со оригинални, високорефлективни бајки за возрасни и дава оригинално видување на светски познатите бајки...“

За престижната награда „Балканика 2010“ која годинава одбележува 15 години постоење освен награденото дело на Прокопиев, беа номинирани и книгите „Коли и други раскази“ од Здравка Евтимова од Бугарија, „Крстопатот на Константин“ од Дејан Стојиљковиќ од Србија, „Црвеното на биковите“ од Мира Мекси од Албанија, „Ќе се случи нешто, ќе видиш“ од Христос Економу од Грција, „Огнот на кармата“ од Ома Станеску од Романија и „Камена куќа“ од Асли Ердоган од Турција.

За наградата одлучуваа и членовите на жири-комисијата: Василие Андру од Романија, Тимур Мухидин од Турција, Адриана Марчетиќ од Србија, Георгос Ксенариос од Грција, Елизабета Шелева од Македонија, Игор Чилев од Бугарија и Дијана Чули од Албанија.

Александар Прокопиев е втор македонски автор добитник на „Балканика“ по Венко Андоновски кому наградата му беше доделена во 2001 награда за романот „Папокот на светот“.

„’Човечулец’ е оригинално и зрело остварување - врв во досегашното творештво на нашиот истакнат прозаист, есеист и книжевен историчар, Александар Прокопиев“, посочи академик Луан Старова, при изборот на книгата за македонски претставник за наградата. Старова беше претседател на жири-комисијата што ја сочинуваа и проф. д-р Елизабета Шелева и Томислав Османли.

„Во своето актуелно дело Прокопиев актуелизира еден недоволно експлоатиран, при тоа длабоко инспиративен жанр, уметничката бајка. Бајката е универзално четиво, со суштински пораки, упатени до човештвото! Токму такви се и 16-те уметнички бајки, поместени во книгата на Прокопиев, од некаде, исконски и познати според своите заплети и ликови - под влијание на неговото вешто и луцидно перо - тие подоцна воскреснуваат во сосема неочекувани преработки и конотации, кои се изненадувачки современи и суштински поврзани со вознемирувачките искуства на ововековниот човек ’човечулец’“, беше посочено во номинацијата.

За „Балканика“, Прокопиев беше номиниран и во 2007 година за својата новела „Ѕиркачот“.

Александар Прокопиев е роден во Скопје во 1953 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет и е доктор по филолошки науки. Работи како истражувач во Институтот за македонска литература. Пишува проза, хаику поезија, есеи и литературни критики. Ги објавил книгите: „Младиот мајстор на Играта“,

„Пловидба кон Југ“, „ Слово за змијата“, „Арс аматориа“ , „Слика тркало“, „Дали Калимах беше постмодернист?“, „Патување на сказната“, „Антиупатства за лична употреба“, „Постмодерен Вавилон“, „Човекот со четири часовници“, „Борхес и компјутерот“ и спомената новела „Ѕиркачот“. Неговите дела се преведувани на англиски, француски, полски, чешки, јапонски, италијански и на сите балкански јазици. Учествувал во многубројни македонски и странски антологии на кратки раскази, есеи и хаику.

На вчерашната свеченост, Николај Стојанов, претседателот на Фондацијата „Балканика“ чие седиште е во Софија, меѓу другото потенцираше дека истоимената награда се смета за една од најзначајните награди во Европа, но и во САД од каде што и пристигна претседателот на годинешното меѓународно жири, прочуениот американски професор Ендрју Вахтел.


Статијата е прочитана 880 пати.

Испрати коментар



Слики на Сашо Блажески на „Сараевска зима“
„Соочување со иднината“ - нов арт-фестивал
Македонските книги, сепак, се продаваат
„Златни обетки за Марија“

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 6°C

Претежно облачно

Вторник
Слаби снежни врнежи
Макс: 9°C, Мин: -2°C

Среда
Мешавина од дожд и снег
Макс: 8°C, Мин: -1°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |