06.03.2012, 13:16 (ОБНОВЕНО) Познат нарко-бос уапсен во Косово
Фатен е македонскиот државјанин Африм Р. по кого полицијата уште лани распиша потерница поради трговија со хероин
Познат водач на нарко-група, кој се криел во Косово е уапсен од страна на тамошната полиција, по пријава на македонското МВР. Станува збор за македонскиот државјанин Африм Р., по кого полицијата уште лани распиша потерница поради организирање меѓународен синџир за трговија со хероин.
Тој е уапсен на 23 февруари во изнајмен стан во Урошевац каде што се криел заедно со брат му и уште неколкумина членови на групата, но тие успеале да се спасат.
По пријава од Интерпол, косовската полиција уште од септември минатата година ја следела групата што се криела во станот во Урошевац. На 23 февруари полицијата влегла во станот, каде што извршила претрес и пронашла три килограми кокаин и два килограми хероин. Водачот на групата веднаш бил уапсен, додека неговиот брат Јетон Р., како и Мустафа Ф. и Али Е. во моментот не биле во станот и по нив е распишана потерница.
Четворицата се дел од 16-члената меѓународна група која беше откриена уште во април минатата година. Во заедничка акција на бугарската и македонската полиција наречена „Беса“ беше спречен обид за шверц на хероин од Турција во Македонија.
Дрогата беше откриена на граничниот премин „Стар Дојран”, во возило управувано од бугарски државјанин. Беа запленети речиси десет девет килограми и 865 грама висококвалитетен хероин. Организаторите на пратката успеале да пребегаат на Косово. Основниот суд Скопје 1 во отсуство ги осуди Африм Р., Јетон Р и Мустафа Ф. на казна затвор од 13 години, а Али Е. на 10 години. (Д.Т.)
|