06.03.2012, 13:41 Британските олимпијци советувани да престанат да се ракуваат
Предупредува раководителот на медицинскиот тим на британската Олимписка асоцијација, Иан Мекарди
До завршувањето на годинешниве Олимписки игри во Лондон, британските олимпијци не би требало да се ракуваат со секого за да не се заразат со некаков вирус или бактерија, што би можело да значи крај за нивните спортско-оломписки соништа, предупреди денеска раководителот на медицинскиот тим на британската Олимписка асоцијација, Иан Мекарди.
- Во овој период на завршни подготовки, преку ракувањето олимпијците би можеле лесно да се заразат, па затоа идејата да престанат да се поздравуваат со примање на раката на други луѓе, не е воопшто лоша идеја, смета Мекарди.
Според неговото објаснување, спортистите не ќе може да се одбранат од заканата „да фатаат некоја инфекција“, доколку во овој период, како и за време на Игрите од крајот на јули до средината на август, мораат да се поздравуваат со десетици разни луѓе. - Не може да се знае, со кого смеат, а со кого не треба да се ракуваат, вели Мекарди.
Велика Британија, како спорстка нација и домаќин на годинешнава Олимпијада, има големи спортски амбиции за својот олимписки тим од 550 луѓе, од кого очекуваат богата „жетва“ на медали.
За сите нив, како и за персоналот од 450 луѓе кои се вклучени да работат со нив, се предвидени посебни мерки за заштита, пред се, редовно миење на рацете, како и користење на специјална пена за дизенфекција и за заштита од заразување и пренесување на разни бактерии, преку рацете.
Сите овие илјада луѓе, ќе бидат тестирани за тоа дали се алергични на нешто, а ќе се испита и кои од многуте пробиотски течности би можеле да им послужат како заштита од заразување.
|