06.03.2012, 18:02 Абрамович го сака Јоаким Лев на клупата на Челзи
Јоаким Лев, селекторот на Германија, е нов кандидат за клупата на Челзи, пишува „Дејли мејл“
Наводно, газдата Роман Абрамовиќ веќе се сретнал со Германецот во понеделникот во луксузен хотел во Џенова.
„Ќе му биде пеколно тешко на оној што ќе го наследи Боаш на клупата. Неговата смена беше чудна, но не толку и за мене, кој го минав сето тоа. Требаше да замени седум или осум играчи додека јас бев таму, но не успеа“, коментираше бившиот селектор на Бразил и тренер на Челзи меѓу 2008 и 2009 година, Луис Фелипе Сколари.
Меѓу тренерите кои се споменуваат за наследници на Боаш се наоѓаат и Жозе Мурињо, Пеп Гвардиола и Рафаел Бенитез.
Наводно, Мурињо поставил услов. А, тој е 12 милиони фунти годишно за него и плус да му се доведе Кристијано Роналдо. Се шпекулира дека неговата цена е 120 милиони евра. Да потсетиме, Роналдо дојде во Мадрид од Манчестер јунајтед за 96 милиони евра.
Ивковиќ: Челзи требаше да ги избрка Лампард, Тери и Дрогба
Познатиот тренер Томислав Ивковиќ, кој сега е тренер на Локомотива од Загреб, смета дека газдата на Челзи Роман Абрамович требало пред да го избрка португалскиот стручњак Андре Вилјаш Боаш, да направи чистка во соблекувалната.
„Требаше отказ да добијат неколку играчи. Тоа е најголемата грешка на политиката на Челзи. Ако веќе го ангажираше младиот тренер, требаше да ги избрка Лампард, Тери, Дрогба, сите оние кои таму немаат место, бидејќи играат само на име. Требаше да се почне по нов пат. Вака го упропастивте тренерот и сезоната. На крајот од сезоната ќе мора да заигра метлата, но тоа требаше да го направи многу порано“, потенцира Ивковиќ.
Балотели казнет со 250.000 фунти за одење во стриптиз-бар
Тренерот на Манчестер Сити, Роберто Манчини, го казни својот контроверзен напаѓач Марио Балотели со фантастични 250.000 фунти затоа што викендот, ден пред мечот со Болтон, ги прекрил правилата и отишол во стриптиз-бар.
На Балотели не му помогна тоа што му даде гол на Болтон (победа од 2:0), бидејќи таблоидите ја извадија приказната поткрепена со фотографија на која јасно се гледа веселиот Марио пред еден ноќен клуб во раните утрински часови (поточно во 2,45 часот), само десетина часа пред споменатиот натпревар.
Казната е огромна, но тоа се само две неделни плати на Балотели. Да, тој секој понеделник добива по 125.000 фунти.
Покрај казната, Манчини му даде и еден татковски совет на Балотели.
„Му кажав да се обиде да се ожени. Бракот би му помогнал. Не знам што уште да му кажам на тоа момче. Сега е уште млад. Тој си е најголем непријател на самиот себе. За неколку години ќе види дека без среден приватен живот не може да игра на врвно ниво“, посочи Манчини. |