05.03.2012, 13:45 МНР: Никој освен Грција нема дилеми за членство на Македонија во НАТО
„Очекувањата во однос на ЕУ, се за можност да се повтори препораката, како и претходните три последователни препораки, за почеток на преговорите“, потенцираат од министерството за надворешни работи
Се уште немаме најдено ниту еден валиден аргумент зошто не треба да станеме земја членка на НАТО, а имаме релативно чиста ситуација од аспект на исполнети критериуми. Очекувањата во однос на ЕУ, се за можност да се повтори препораката, како и претходните три последователни препораки, за почеток на преговорите, а во меѓувреме да продолжи континуираниот напредок во македонското европско досие.
Ова се главно заклучоците од македонската дипломатија по повод актуелни прашања и последните официјални и работни средби.
Во овој момент, надвор од Република Грција никој нема дилеми за придобивките од членство на Македонија во НАТО и од почетокот на преговорите со ЕУ.
Македонија и по однос на членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ наидува на блокада од страна на Грција, потенцираат од МНР и укажуваат дека се уште нема официјален став од Атина за нивната перцепција за Хашката пресуда. За поздравување е, посочуваат, меѓу другото средбата на премиерите на Македонија и на Грција Никола Груевски и Лукас Пападимос, иако таа можеше да се случи многу порано. Се соочуваме со ситуација, констатираат, кога Грција прави еднострана суспензија на Времената спогодба. Македонија останува целосно посветена во процесот под покровотелство на ОН и е отворена да и овозможи на Грција да биде конструктивна и со она што стои на располагање да се постигне исчекор.
- Самитот на НАТО во Чикаго не е наша клучна временска одредница. Важно е дека ние го имаме испорачано целиот пакет потребен за членство и од тој аспект Грција има должност и кон меѓународно правната рамка и кон улогата која ја игра како регионален актер за да придонесе кон зголемена стабилност на регионот, сметаат во МНР. Целта на Македонија не е да биде предизвикан консензусот како правило за носење одлуки во НАТО, туку, истиот да се води од некои клучни придобивки односно за постигнување повисок интерес на Алијансата. Македонија е за консензус, подвлекуваат, но консензус во интерес на НАТО, а не за штетно дејствување на една земја членка.
Евроатлантското семејство, оценуваат, повеќе треба да се фокусира на долгорочна стратегија за регионот, а не само како досега да се врши менаџирање со кризи.
|