05.03.2012, 15:00 „Новинарите пеат“ на 30 март во Универзалната сала
Организаторите потенцираат дека интересирањето за настап е голем и дека место планираните 10-12 изведувачи, голема е веројатноста да настапат 15 новинари
Манифестацијата „Новинарите пеат“ првпат ќе се одржи на 30 март во Универзална сала во Скопје. „Завршните подготовки се во тек, а плановите се да прерасне во традиција“, изјави на денешната прес-конференција Љубиша Цветкоски од македонската новинска интернет-агенција Без пардон, која со Универзална сала се јавува како организатор на настанот.
Манифестацијата е замислена како телевизиско шоу во кое покрај музиката, ќе има и ревијален дел. Организаторите потенцираат дека интересирањето за настап е голем и дека место планираните 10-12 изведувачи, голема е веројатноста да настапат 15 новинари.
Изведувачите ќе бидат објавени на последната прес-конференција што ќе се одржи два-три дена пред манифестацијата, а новинарите ќе пеат во живо, во придружба на момците од бендот „Арија“.
Гласањето ќе се одвива на три начина - телевоутинг, публика и жири-комисија составена од пејачи од забавната и од народната музичка сцена во Македонија. Средствата собрани од телевоутингот ќе бидат наменети во хуманитарни цели.
За потребите на манифестацијата е направена и специјална химна, чиј автор е Александар Митевски. Настанот директно ќе биде пренесуван на првиот канал на МТВ во 20,30 часот, а билетите ќе бидат пуштени во продажба од 15 март по цена од 250 денари.
|