12.02.2012, 19:48 Македонија завеана
Триесетина лавини се струполија по долината на Радика, а голем број села во западна Македонија и натаму се отсечени. Невремето им го продолжи распустот на учениците
Зимата се' уште не попушта. Снегот и натаму продолжува да паѓа во поголем дел од земјата и, иако температурите се релативно повисоки, сепак, во речиси целата држава снежната покривка е висока.
Многу ридско-планински села во Тетовско, Гостиварско, Мавровско, Дебарско и натаму се отсечени, а патиштата тешко се расчистуваат од високите снежни наноси. Снегот кој се' уште интензивно паѓа на поширокиот Гостиварски регион ја влошува состојбата со сообраќајот, а во одредени села нема снабдување со храна и лекови. Поради нови лавини кај Бигорскиот манастир, од вчераутро е забранет сообраќајот на патниот правец Маврово - Дебар за сите видови возила.
И додека во Скопје, Битола и во другите градови учениците од денеска повторно се во училишните клупи, за голем број основци од западниот дел распустот повторно е продолжен. Невремето ќе им го продолжи распустот на учениците од Тетово и Тетовско за уште една недела. Градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, по консултацијата со советничките групи, одлучи прекинот на наставата да го продолжи до петок. Иста одлука донесе и градоначалникот на Општина Теарце, Исен Асани, додека за учениците од селата од општината Боговиње принудниот одмор ќе биде продолжен уште два дена, до вторник. „За натаму ќе видиме, ќе зависи од временските услови“, вели градоначалникот Хазби Идризи. До 20 февруари им е продолжен распустот и на учениците од основните училишта на Општина Маврово Ростуше и на средното училиште во Ростуше, како и на оние од Центар Жупа.
Дека зимата „не се шегува“ покажа изминатиов викенд кога над триесеттина снежни лавини, од кои четири поголеми измешани со дрва, камења и со земја се струполија по долината на реката Радика, на патниот правец Маврови Анови - Жировница - Ростуше. Првите три лавини паднаа во саботата наутро и при тоа заробија три патнички возила во кои се наоѓаа шест патници. За среќа, никој не беше повреден. Во првото возило кое го зафати лавина во непосредна близина на мрестилиштето на реката Радика пред сенечкиот мост, се наоѓал само возачот. Тој беше евакуиран со помош на полициските службеници на ПС Маврово. Другите две возила беа заробени на делот на патот меѓу селата Жировница и Ростуше. Немаше повредени меѓу шестмината патници во чие извлекување помогна Пограничната полиција на Жировница.
Опасноста од нови снежни одрони се' уште не е помината, бидејќи температурата на воздухот се зголеми, а почна да врне и дожд што негативно влијае на стабилизирање на состојбите. Кризниот штаб на Општина Маврово - Ростуше, како што не' информираше Онер Јакупоски, директор на ЈП Национален парк „Маврово“ апелира да не се тргнува на пат без неопходна потреба, бидејќи услови за патување по долината на Радика се лоши и постои опасност од нови потенцијални лавини.
Во расчистувањето на одроните викендов беа вклучени десеттина булдожери, камиони со ножеви за чистење снег и друга механизација на секциите на „Макдонија пат“ од Маврови Анови, Ростуше и од Дебар, на Националниот парк „Маврово“ и на приватната фирма „Магнум транс“ од Гостивар.
„Дваесеттина часа без престанок работевме на расчисување на просторот. .Лавините паѓаа како снегулки. Паднаа на истото местото на кое имаше неколку вакви одрони пред две години. И овој пат, само што ги исчистивме наносите, паднаа нови лавини, но за среќа помали, па успеавме брзо да расчистиме“, раскажува Ремзи Мустафаи, сопственик на „Магнум транс“.
Опасност од нови лавини постои, бидејќи земјата на планините на Бистра и на Кораб се одмразнува поради зголемувањето на температурите, тежината на снегот врши притисок и се активираат лизгалиштата кои со себе низ брдата ги собираат камењата, земјата и дрвата и се струполуваат во долината.
Механизацијата на НП „Маврово“ и на фирмите задолжени за одржување на локалните патишта на Општина Маврово - Ростуше во текот на вчерашниот ден успеаја да ги пробијат локалните патишта за селата Нистрово, Врбјане, Сенце и Ничпур. Механизација, пак, на Скијачкиот центар „Заре Лазарески“ работеше на расчистување на регионалниот пат село Маврово - Маврови Анови, додека на хотелот „Радика“ на патот Леуново - Бунец. По петнаесеттина часа механизацијата на „Магнум - транс“ успеја да го расчисти снегот со височина од околу 70 см на регионалниот пат Гостивар - Србиново и при тоа ги одглави од снегот десетина кобиња и патнички возила.
Интензивните снежни врнежи го парализираа животот и во општина Врапчиште. Над 1.500 жители од селата Горјане, Ѓурѓевиште, Калиште и Ново Село се отсечени од светот, бидејќи снегот кој достигнува височина до еден метар целосно го блокираше патот. Градоначалникот Бајрам Кадрија објаснува дека веќе неколку дена ја чека ветената помош од Центарот за управување на кризи, но таа никако да пристигне. Како што вели, Општината не може да се справи со снежното неврме кое продолжува.
Проблеми има и во рамничарските села, а надвозницие на автопатот Гостивар - Тетово не се расчистени што создава проблеми во одвивањето на сообраќајот. И во Општина Гостивар е формиран Кризен штаб кој е ангажиран на расчистување на локалните патиштга. Но, и покрај напорите се' уште се блокирани паиштата за селатга Горна Ѓоновица, Симница, Железна Река, Долно и Горно Јеловце, Корито и други.
Снегот кој постојано врнеше во текот на викендот направи снежната покривка во тетовскиот рамничарски дел да надмине 80 сантиметри, додека кон Шар Планина и Сува Гора многу повеќе. На Попова Шапка снег има над 1,5 метри, а на повисоките места и до два метра. Повеќе планински села останаа отсечени. Најтешка е состојбата со сувогорските села Гургурница и Седларево, каде се завеани речиси 4.000 жители. Ислам Муртезани од Седларево вели дека две деца од нивното село се разболеле, па цели три часа патувале со теренско возило до Тетово, каде биле задржани на болничко лекување. Жителите од овие две села бараат што е можно побрзо да им се расчистат пристапните патишта. Непроодни се патиштата и до селата Брезно и Варвара, информира претседателот на месната заедница, Миле Серафимовски.
Мештани од селата Бродец, Вешала, Бозовце, Вејце, Селце и Лавце велат дека не се исчистени ни патишатата до нивните села, па околу 5.000 жители остануваат блокирани. Од Јеловјане информираат дека има недостиг од храна за добитокот, а булдожерот кој работи на расчистување на пристапниот пат тешко се справува во високите снежни наноси.
Во Битола и битолско, пак, ситуацијата со снегот и невремето полека се релаксира. Со покачувањето на температурите почна да се топи снегот од улиците, па главните сообраќајници конечно се чисти. Засега е проблем движењето само низ Старатата чаршија каде купишта снег го отежнуваат движењето низ тесните улици.
Според Дирекцијата за заштита и спасување во Битола механизацијата постојано е на терен и работи на расчистување на магистралните и регионалните патни правци кои во водат кон Битола. Отежнато е движењето само кон Националниот парк „Пелистер“.
„За викендот механизацијата ги расчистуваше главните сообраќајници и магистралните патишта. Но, за оние што сакаат да се искачат на Пелистер, кон хотелот ’Молика‘ и жичарницата ’Копанки‘, се' уште важи предупредувањето да носат зимска опрема и да внимаваат на патот, бидејќи е тесен и не можат да се разминат две возила“, рече Димче Јошевски, раководител во Дирекцијата во Битола.
Полека се нормализираат и состојбите во битолско Мариово. Веќе е пробиен патот кон селата Старавина, Градешница, Скочивир, Груништа, Грумази и Ивени кои од Божик беа отсечени од цивилизацијата. Сега се недостапни уште Зович и Будимирци.
„Работиме постојано за да се исчисти патот и кон овие две села. Пред неколку дена со хеликоптери на АРМ им беше доставена храна и лекови наотсечените граѓани. Постојано сме во контакт преку телефон и ја следиме нивната состојба. Засега имаат се' што им треба“, вели Лазар Котевски градоначалник на општината Новаци. (Екипа на „Утрински весник“) |