25.08.2010, 16:04 Вежбалници на отворено на кејот на Вардар
Три мини-вежбалници на песок им се на располагање на сите рекреативци што го користат кејот на Вардар за спортски активности. Веднаш до Градската плажа, под хотелот „Александар палас“ и до мостот „Близнак“ во Аеродром од вчера се активни првите рекреативни зони со по седум реквизити за вежбање. Инвестицијата е на Градот Скопје и јавното претпријатие „Улици и патишта“, а проектот на Агенцијата за млади и спорт. Уредувањето на еден пункт чини 3.000 евра.
Во скоро време вакви отворени вежбалници ќе има на уште неколку локации покрај кејот, во центарот на градот и во Влае, најави вчера градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. „Отвораме нови можности за масовна рекреација. Справите се наменети и за спортистите што вежбаат покрај кејот, но и за граѓаните што тука се рекреираат“, рече Трајановски.
„Идејата за изградба на вежбалници дојде токму од спортистите кои досега вежбаа на земја и се истегнуваа на дрвјата во околината на кејот. Сега, на седумте справи можат да ги изведат сите основни физички вежби“, информираше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Диме Спасов. (С.Н.) |