01.07.2012, 11:38 СДСМ во Прилеп: Власта го направи народот сиромашен
Народот повеќе не се плаши, народот сака акција, порача Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ, на синоќешниот партиски митинг во Прилеп
На митингот, кој го следеа неколку илјади граѓани, Црвенковски истакна дека Македонија никогаш досега не била посиромашна.
„Досега во нашата историја не се видело ниту поголема сиромаштија, ниту поголемо трошење на народни пари. Луѓето немаат леб да купат, немаат операција да платат, а тие изгореа милиони евра за кич. Доста се лаги, закани и притисоци. Сакаме да живееме како слободни луѓе. Македонија е наша и си ја бараме државата назад. Драги пријатели не чека решавачка битка, референдум за нашата иднина. Ако ги добиеме локалните избори тие ќе си одат и од власта и од нашите животи. Влогот е огромен, или тие или ние “, рече Црвенковски.
Лидерот на СДСМ го потсети Груевски и на дел од минатото.
„Со Андов беше во коалиција, кога почна да ти ги разобличува политиките ти текна дека е транзиционен лидер. Со Тито Петковски во 2006 година направи Влада. Кога почна да ти ја критикува политиката и него го шутна. Брат Љубе беше твој херој, во Хаг го посетуваше, на аеродром го пречекуваше. Кога почна да ти ја критикува политиката го уапси во монтиран судски процес. Љубчо Георгиевски ти беше икона, сликата и на маса и на ѕид ја чуваше и секоја вечер пред него по три пати се крстеше. Кога со Љубчо ќе се поздравеше три дена рацете не ги миеше. Кога и тој почна да те критикува и него го прогласи за предавник. Кочи Никола. Сопри малку. Сите што биле со тебе преминуваат кај мене, а ти власт, а јас опозиција. На крајот Никола, апла сам ќе останеш“, му порача Црвенковски на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На митингот се обрати и кандидатот на СДСМ за градоначалник на Прилеп, Хари Локвенец.
„Прилеп е град на историскиот непокор, град на славните илинденци. Прилеп е град на македонското јадро, тврдина на македонштината , рече на митингот во Прилеп. Луѓето живеат во страв од сметки за струја, вода, камати. Страв кога одат на работа,ако воопшто одат на работа. Страв од извршители, од нарачани инспекции“, истакна Локвенец.
Затоа, рече Локвенец, се побуни прилепската чаршија. Светол миг за бунтовен Прилеп за да се покажат заби.
Чашата е прелеана, се обединија приклепчани и позиција и опозиција. Кренете глас.дајте да ја уништиме ароганцијата и самобендисаноста.Ајде заедно да се бориме против сиромаштијата и невработеноста, порача Локвенец.
Прилеп, рече е гладен град. Со паркчиња и фонтани, рече кандидатот за градоначалник нема економија.
Вети гасификација, градење патишта, создавање на нови работни места. Побара да ја врати довербата на младите дека можат да обезбедат егзистенција за младите тука.
Во Прилеп ,рече, повеќе нема да има поплави,ќе се реши проблемот со водоснабдувањето,ќе се реши проблемот со дивите депонии.
|