29.06.2012, 12:00 Попоски: Немаме територијални претензии кон соседите
Шефот на македонската дипломатија во интервју за интернет изданието на шпанскиот весник „Ел Паис“
Бесмислени се стравувањата за територијални претензии на Македонија кон хомонимната грчка провинција поради кои Атина става вето на македонската интеграција во ЕУ и НАТО, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во интервју за интернет изданието на шпанскиот весник „Ел Паис“.
„Македонија на експлицитен начин изјави дека нема претензии кон ниту еден од нашите соседи. Во овие години, ги прифативме и почитувавме нашите обврски и покажавме широко ниво на флексибилност. Направивме отстапки како што се промената на знамето и реформите во Уставот. Но, има работи кои се косат со основните демократски принципи. Името на една држава единствено може да биде определено од граѓаните на самата држава. Јазикот, културата, идентитетот се елементи кои не можат да бидат наметнати од надвор. Грција прифати една и единствена обврска: да не ја попречува нашата интеграција во меѓународни организации. И истата не ја почитува“, вели Попоски.
Прашан за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, шефот на дипломатијата одговара дека случајот имаше многу последици заради неговата бруталност.
„Некои лица настојуваат преку терористички активности да создадат меѓуетнички, меѓурелигиозни нарушувања. Идентификувавме поединци кои имаат намера да дестабилизираат. Но, случајот треба да се разгледува во соодветен контекст. Доколку се гледа во перспектива, не постои ниту една политичка сила во нашата земја, која ја подржува таквата стратегија. Не можеме да ја исклучиме можноста дека и во иднина ќе има поединци кои ќе промовираат радикална агенда. Но, нема никаква политичка основа за таквата поддршка. Ситуацијата може да биде малку поразлична во други соседни земји, но во суштина, агендата на радикалните импулси исчезнуваат во регионот“, вели Попоски.
|