29.06.2012, 13:44 Кинеската астронаутка се врати на Земјата
Лиу (33) е мајор во кинеските воздухопловни сили од централната провинција Хенан. На кинескиот Тенцент КК сервис ја претставуваат како „Малиот летечки витез“.
Астронаутите, вклучувајќи ја и првата Кинеска во вселената, изведоа успешно рачно спојување со лабораторискиот модул „Тијангонг-1“. Мисијата е клучен чекор кон целта на Кина да изгради вселенска станица до 2020 година. Премиерот Вен Џијабао ја пофали мисијата како „комплетен успех“. „Ова е уште еден извонреден придонес од кинескиот народ за напорите на човештвото во истражување и користење на вселената“, изјави Џијабао во Пекинг.
„Извонредно е чувството да се стои на Земјата, а уште поубаво е да си дома“, изјави астронаутот Лиу Ванг, кој беше цитиран од националниот медиумски сервис ЦЦТВ. „’Тијангонг-1‘, нашиот дом во вселената, беше удобен и пријатен. Ние сме многу горди на нашата нација“, изјави астронаутката Лиу Јанг.
Екипажот на леталото „Шенжу-9“ минатата недела го изведе успешно маневарот за рачно спојување. Деликатната процедура, која вклучува спојување на две вселенски летала кои патуваат со брзина од неколку илјадници милји на час, беше усовршена од вселенските тимови на СССР и САД во 1960-тите.
Екипажот, исто така, изведе автоматско спојување на двете летала за време на нивната мисија. Тројцата астронаути се вратија на вселенското летало „Шенжу-9“ во четвртокот и изведоа рачно одвојување од вселенската лабораторија. Тие слетаа во областа Сизиванг, во Внатрешна Монголија, со капсула од која се отвори падобран за да се забави приближувањето.
Сите астронаути се во добра здравствена состојба, објави државната новинска агенција Ксинхуа. Тие беа прикажани на ЦЦТВ како ја напуштаат капсулата носени на столови, насмеани додека им одмавнуваат на поддржувачите.
Во екипажот беа Џинг Хаипенг (45), командант на мисијата и астронаут ветеран, Лиу Јанг (33) и Лиу Ванг (43) кои го изведоа рачното спојување. Лиу (33) е мајор во кинеските воздухопловни сили од централната провинција Хенан. На кинескиот Тенцент КК сервис ја претставија како „Малиот летечки витез“. Таа пред само две години беше регрутирана во кинеската вселенска програма, но се истакнуваше, објави државната новинска агенција Ксинхуа. Вселенското летало „Шенжу-9“ беше лансирано на 16 јуни. (Би-Би-Си)
|