28.06.2012, 19:46 Слободата во културата треба да се освојува секојдневно
Трибината се одржа во киното „Фросина" во МКЦ и беше рганизирана од Младинскиот образовен форум, ПМГ Рекордингс и „Скопје Ремиксд"
Значајноста и потребата од дијалог во јавниот, пред се уметнички дискурс, употребата на јавниот културен простор, потребата од културни и субверзивни јадра, нивната улога во една метропола каква што претендира да биде Скопје, беа неколку од темите за кои се дискутираше синоќа на дебатата "Има ли место за културна слобода во оваа "метропола"?. Организирана од страна на Младинскиот образовен форум, ПМГ Рекордингс и "Скопје Ремиксд" истата се одржа во киното "Фросина" во МКЦ, а говорници беа Златко Стевковски, директор на МКЦ, Мирко Попов како дел од ПМГ, Џабир Дерала, поет, извршен директор на "Цивил" и уметницата, Слободанка Стевчевска една од двајцата членови на уметничката група ОПА и дел од иницијативата "Кооперација". Тие одговараа и на поставените прашања од присутните за културната слобода во градот Скопје и колку таа е потребна за извршување на културната дејност, кој ја ограничува и кој ја пружа слободата во уметноста и културата воопшто. .
Главните аргументи изнесени од страна на говорниците се однесуваа на културниот простор и неговото завземање од страна на државата наспроти активностите на независните уметници за завземање на истиот, на поларизацијата на политички ангажираната уметност, наспроти субверзивната. Во час и половина колку што траеше дебатата, спонтано беа наметнати и теми за конформизмот во уметноста, колку неподобните општествено - политички состојби можат, и до која граница треба да влијаат врз уметноста, дали цензурата во културата треба да влијае апатично или напротив стимулативно, но и дали напливот на кич и турбо фолк културата придонесува за апатичноста и претставува себеоправдување за недоволната иницијативност и креативна потенција.
"Културниот и јавниот простор се под опсада. Културните политики водат кон зачмаеност, не даваат просторот во културата да живее. Секако дека сум за тоа слободата да се освојува, но противник сум институциите да им ја земат слободата на граѓаните. И да ни ја дадат слободата, таа нема да биде онаа вистинската, тоа ќе биде златен кафез", рече Џабир Дерала.
Златко Стевковски посочи дека МКЦ е едно од местата каде што се "одгледува" независната културна сцена. "Кому му треба културна слобода?, запраша тој.
"По 20 години од осамостојувањето на Македонија, ниедна власт не била попопустлива или понепопустлива во овие години. МКЦ е отворен за сите, секој може да дојде и да ги користи неговите реквизити".
"Не е важно што ќе изгр��дат тие, важно е што ќе изградиме ние" - рече Мирко Попов од ПМГ, а Слободанка Стевческа, како дел од "Кооперација", актуелното културно јадро кое реагираше на провокациите што ги предизвика симнувањето на делото - билборд за време на уметничкиот фестивал "Скопје креатива", потенцираше дека уметноста треба да покрене провокативни/табу прашања и да критикува да твори без компромиси.
И покрај тенките разлики во одредени пристапи кон разгледуваната тема, сите четворица говорници едногласно се согласија слободата во културата не е нешто што треба да му биде подарено на општеството и дека таа треба да се освојува во секое време и секој ден одново. (Д.Л.)
|