28.06.2012, 14:11 Мјузиклот „Ева Перон“ го отвори седмиот „Битфест“
Мјузиклот е во копродукција на НВО „Импресарио“, Центарот за култура од Битола и Државното музичко училиште во градот
Седмото културно лето во Битола „Битфест“ синоќа беше отворено со мјузиклот „Ева Перон“, дел од проектот „Битолска опера“, работен според композиција на Ендрју Лојд Вебер, во режија на Цветан Стојановски и сценографија на Зоран Николовски.
Мјузиклот е во копродукција на НВО „Импресарио“, Центарот за култура од Битола и Државното музичко училиште во градот.
Седумдесетте учесници во мјузиклот беа наградени со силни аплаузи од над 800 гости пред Домот на АРМ во Битола, кои со голем интерес ја очекуваа премиерата. Насловната улога ја играше Маја Митровска, во улогата на Че настапи Нико Ѓоргиевски. Во екипата беа и Игор Илиевски, Мартина Аврамоска и Лилјана Трајковска. Музичката подлога е дело на Миодраг Наќак, а кореографка на претставата е Олга Панго.
Учествуваа и хорот на Државното музичко училиште од Битола под диригентство на Лилјана Трајковска, ученици од Гимназијата Јосип Броз Тито од Битола и ТСК „Степ“ – Битола.
Фестивалот го отвори покровителот - битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој на посетителите им посака исполнет културен живот во текот „Битфест“.
|