26.06.2012, 10:15 Никола Маџиров учествува на Поетската олимпијада во Лондон
Двесте и четирите поети (колку што има земји-учеснички на спортската олимпијада) се избрани од над 6.000 предложени, со одлука на Меѓународниот борд на фестивалот
Никола Маџиров е меѓу 204-те поети од светот учесници на Поетската олимпијада во Лондон, која е дел од Културната олимпијада, а во пресрет на Летните олимписки игри во британската престолнина. „Поетскиот Парнас“ е најголем светски поетски настан и ќе се одржува од денеска до 1 јули.
Двесте и четирите поети (колку што има земји-учеснички на спортската олимпијада) се избрани од над 6.000 предложени, со одлука на Меѓународниот борд на фестивалот.
Маџиров ќе ја претставува Македонија и македонската книжевност и јазик и ќе настапи под уставното име на државата. Неговата песна „Сенките не одминуваат“ е избрана за објавување во светската антологија на современата поезија, насловена „Светски рекорд“ (The World Record), во издание на британскиот „Бладекс“ (Bloodaxe).
Тој ќе настапува секој ден на Поетската олимпијада - на отворањето ќе дебатира на Светскиот поетски самит на тема „Е-поезија и виртуелни фестивали“ и е избран меѓу тројцата од сите 204 застапени поети во Антологијата да ја промовира неа во Центарот за мигранти во Лондон. Покрај него, промотори ќе бидат и Кети Нивјабанди од Бурунди и Шалија Пател од Кенија.
Маџиров утре ќе учествува на дебатата „(Анти)национализми, граници и идентитет“ модерирана од Ендрју Моушн, поет-лауреат на Велика Британија, а истиот ден ќе биде дел од поетското читање во чест на десетгодишнината од британското поетско списание „Волф“ каде што Маџиров е објавен заедно со поезијата на Пети Смит, Адонис, Мајаковски, Чарлс Симик.
Во четврток, пак, во ноќта насловена „Новиот светски поредок“, Никола Маџиров со уште петмина светски поети ќе ја чита својата поезија на македонски јазик, а британски поети - преводот на англиски. На 29 јуни ќе настапи на „Светска школа: Поезија од Балканите“, а следниот ден ќе настапи на претставувањето на најновиот број на еден од најважните поетски магазини во Британија, „Поетри Лондон“, кој објави неколку негови песни на англиски јазик.
Неговите читања на македонски јазик ќе бидат архивирани во специјално студио кое ги осведочува сите светски јазици. Сите присутни поети ќе ја напишат сопствената песна од Антологијата во свој ракопис и ракописот ќе го достават до архивата на Поетската библиотека во Лондон. Овој најголем поетски настан медиумски ќе биде покриен од Би-Би-Си, „Гардијан“ и од сите значајни британски и светски медиуми, а се очекуваат илјадници посетители, критичари, менаџери и издавачи.
На ���Поетскиот Парнас“ се селектирани поети од Авганистан, преку Бурунди, се до Нов Зеланд и Јамајка. Меѓу нив се и добитниците на Нобеловата награда за литература - Ирецот Шејмас Хини и Нигериецот Воле Сојинка.
За време на одржувањето на олимпискиот поетски собир, Лондон од хеликоптери „ќе биде бомбардиран“ со стихови од учесниците, испишани врз сто илјади обележувачи на страници, тешки половина тон. Ќе има над 100 поетски настани, работилници и симпозиуми низ целиот град. Авторите ќе бидат претставени со биографии, стихови и интервјуа, направени посебно за овој настан. Се очекуваат стотици илјади посетители од целиот свет.
|