27.06.2012, 15:29 Лери Бирд се повлече од Индијана
Легендарниот американски кошаркар го напушти НБА-тимот поради здравствени проблеми
Лери Бирд (55) реши да се повлече од претседателската позиција во Индијана. Легендарниот американски кошаркар го напушти НБА-тимот поради здравствени проблеми. Бирд е добитник на наградата за најдобар извршен службеник во НБА-лигата. Негов адут притоа беше фактот дека меѓу пејсерси доведе многу млади и непознати кошаркари со кои екипата го забележа третиот најдобар биланс на победи и порази во лигата и стигна до полуфиналето во Источната конференција во кое беше елиминирана од Мајами.
Локалниот весник „Индијанаполис стар“ го цитира Бирд, кој порача дека 100 отсто е сигурен дека замина од функцијата по состанокот што го имал со сопственикот на клубот, Херб Сајмон. Не е наведено за какви здравствени проблеми станува збор, иако е познато дека Бирд пати од болки во грбот и рамената. Тој е единствената личност во историјата што ги обедини наградите за најкорисен играч, за најдобар тренер и за најдобар службеник во НБА-лигата.
|