23.06.2012, 22:53 (ЕП 2012) Французите немаа клуч за шпанската тика-така
„Фуријата" славеше со 2:0 со головите на Чаби Алонсо во 19 минута и во 90 минута од пенал и обезбеди дуел со Португалија во полуфиналето на ЕП
Шпанија ја совлада Франција со 2:0 во еден од двата четвртфиналните дерби дуели на Европското фудбалско првенство. Потписник на третиот пласман на "фуријата" во полуфинале на ЕП беше Чаби Алонсо. Погоди во 19 минута со глава и во првата минута од судиското продолжение од белата точка за уривање на "триколорите" и обезбедување на дуел со Португалија на патот кон одбрана на тронот. Шпанците урнаа и една непријатна традиција во дусирите со вечерашниот ривал. Ја остварија премиерната победа во седмото соочување од натпреварувачки карактер на завршните турнири (ЕП, СП и квалификации) по петте порази и реми во шесте досегашни пресметки.
Шпанците во мечот влегоа како благи фаворити, низ него покажаа и зошто и на крајот заслужено го прославија пласманот во големата четворка на ЕП во Полска и Украина.
Пресметката меѓу репрезентацијата што му дава посебен белег на денешниот фудбал и онаа што беше страв и трепет за противниците во почетокот на овој век се развиваше полека. Во преден план во воведните 15 минути на "Донбас арената" во Доњецк беше претпазливоста, особено од Французите кои отворија "четири очи" кон префинетите техничари што ги имаа спроти себе, а тогаш почна да функционира шпанскиот тика-така начин на игра. А, таквиот фудбалски стил, пресликан од Барселона, даде резултат во 19 минута. Жорди Алба одлично се проби по левата страна, нафрли пред голот на Лори, на топката натрча Чаби Алонсо кој во движење, со глава, ја погоди целта како најава за отворен и интересен тек на продолжението. Оттогаш доминацијата на "фуријата" стана апсолутна, Шпанците имаа беспрекорна контрола врз топката и играта. До одморот се заканија уште и Чави и Пике, но нивните удари завршија над голот или крај него. На фрлената ракавица "триколорите" одговорија со идентична игра како и до примениот гол, а нивниот резервиран однос не ги доведе во гол позиција. Се заканија само еднаш во рамки на целта што ја бранеше Касилјас и тоа од прекин. Во главна улога беше Кабај кому му беше доверен слободниот удар во 32 минута, ситуација што, сепак, ја исконтролира "единицата" на мадридски Реал.
Французите живнаа во вториот дел кога веќе немаа што да бранат и за што калкулираат. Времето работеше против нив, а како тоа одминуваше така и притисокот врз момчињата на Лоран Блан растеше. Затоа францускиот селектор беше принуден да внесе поддршка за Бензема и Рибери, па во мечот ги испрати Менез и Насри. Благата живост во неговиот тим на теренот беше евидентна меѓутоа без премногу ефект од замените. Фрли се на една карта во 79 минута кога на тревникот го исптари и Жиру на местото на М'Вила, но тој потег не смени ништо во натпреварот. Шпанците, може да се каже, рутински го одработија предизвикот и сосема заслужено се радуваа на крајот. (С.Д.)
|