27.06.2012, 15:24 (ЕП ВЕСТИ) Балотели како Кинг Конг
Сликата од „Газета дело спорт“ во Италија предизвика скандал, бидејќи поголемиот дел од јавноста ја сфати како расистичка
Италијанскиот весник „Газета дело спорт“ на своите страници излезе со карикатураа на која е насликан Марио Балотели во стилот на Кинг Конг, џиновскиот мајмун качен на врвот на највисоката кула во САД. Сликата во Италија предизвика скандал, бидејќи поголемиот дел од јавноста ја сфати како расистичка. Направената грешка на авторот Валерија Марини веднаш ја поправија уредниците на весникот, кои се извинија и соопштија дека ова можеби и не е најдоброто дело на авторот.
Хрватска казнета со уште 30.000 евра
УЕФА го казни Хрватскиот фудбалски сојуз со дополнителни 30.000 евра поради неспортското однесување на хрватските навивачи на Европското првенство во Европа. Казната е поради фрлањето запалливи материи на теренот за време на мечот со Шпанија. Таа е трета парична санкција за „коцкестите“ од УЕФА, откако претходно беа казнети со 25.000 и со 80.000 евра поради нередите што ги предизвикаа фановите на средбите со Република Ирска на 10 јуни (3:1) и со Италија на 14 јуни (1:1) во Позњан.
Насри им се извини на фановите
Играчот од средниот ред на „триколорите“ Самир Насри јавно се извини за навредите што ги упати кон новинарот на француската национална телевизија по поразот и елиминацијата од Шпанија во четвртфиналето на ЕП.
„Жал ми е што некои од моите зборови ги шокираа навивачите, посебно децата. Сакам да играм за Франција и имам голема почит за навивачите. Се' друго е лична работа меѓу мене и неколку новинари, која ќе ја објаснам кога ќе дојде време за тоа“, напишал Насри на својот профил на социјалната мрежа Твитер.
На фудбалерот на Манчестер Сити му се заканува двегодишна суспензија за настап во дресот на Франција.
Манџукиќ нов играч на Баерн Минхен
По одличните настапи на ЕП, Хрватот Марио Манџукиќ се пресели во редовите на германскиот гигант Баерн Минхен за 13 милиони евра. Во спортивна насока, пак, во Волфсбург замина неговиот сонародник Ивица Олиќ.
Манџукиќ на „Алијанц арена“ ќе мине четири години, а по сезона ќе заработува околу 3,5 милиони евра. Со овој трансфер, тој стана четвртиот најплатен хрватски фудбалер во историјата. Повеќе од него се платени само Лука Модриќ (Тотенхем), Ведран Ќорлука (Манчестер Сити) и Едуардо да Силва (Арсенал).
Борусија (Д) - Вердер во првото коло на Бундес-лигата
Првакот на Германија, Борусија Дортмунд, во првото коло од новата сезона во Бундес-лигата ќе игра со Вердер, а вицешампионот и финалистот во ЛШ, Баерн Минхен, ќе се сретне со новиот прволигаш Гројтер Фирт. Новата фудбалска сезона во Германија ќе стартува на 24 август, а натпреварите од првото коло ќе се играат и на 25 и 26 август. Водечките германски клубови во последните неколку сезони Борусија Дортмунд и Баерн Минхен ќе се сретнат во 15. коло. Овој меч ќе се игра или на 30 ноември или на 1/2 декември.
|