25.06.2012, 19:23 Илчо Ѓорѓиевски најсериозен кандидат за претседател на ФФМ
Мнозинството општински фудбалски сојузи, чии делегати на Собрание на ФФМ одлучуваат за избор на претседател, според извори на „Нетпрес“, веќе го поддржале Ѓорѓиевски
Сегашниот шеф на стручен штаб на македонскиот фудбалски шампион Вардар, Илчо Ѓорѓиевски, ќе биде новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, објавува Нетпрес.
Мнозинството општински фудбалски сојузи, чии делегати на Собрание на ФФМ одлучуваат за избор на претседател, според извори на Агенцијата, веќе го поддржале Ѓорѓиевски.
- Проценката била дека спортски работник од калибарот на тренерот на Вардар, кој потекнува од фудбалот, има резултати и како фудбалер и како тренер, и се карактеризира со искреност и чесност, е идеалното лице за средување на состојбите во мак фудбалот, за подигнување на квалитетот на националната лига, и враќање на репрезентацијата на подобри патеки.
Се очекува на изборното собрание на ФФМ кое е закажано за 29 јули, Ѓорѓиевски да ја добие довербата од делегатите со големо мнозинство, наведува Нетпрес.
Илчо Ѓорѓиевски потекнува од младинската школа на фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров. Во својата кариера покрај настапот за клубот од Ѓорче, има настапувано и за Балкан, и за Вардар. Има и богата интернационална кариера при што има настапувано за шведскиот прволигаш Малме, за турскиот прволигаш Денизлиспор, за Бнеј Шакнин од Израел, и за софиски Локомотив.
Како шеф на стручниот штаб во 2009 година ја освои шампионската титула со Македонија Ѓорче Петров, а ова првенство го донесе Вардар до шампионскиот трон во македонскиот фудбал. Ѓорѓиевски беше и селектор на фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 19 години. Илчо Ѓорѓиевски важи за добар познавач на македонскиот фудбал, а неговото име никогаш не било врзувано за определени интересни групи поврзани со куќата на мак фудбалот. Важи и за човек кој има коректни односи со спортските новинари и работници од земјава, но и од меѓународната фудбалска сцена.
|