25.06.2012, 18:00 Серафимоски нов претседател на АФМ
Во наредните четири години Атлетската федерација на Македонија ќе ја предводи Крсте Серафимоски. На редовното изборно собрание, на кое присуствуваа претставници на 22 клуба, од кои 21 со право на глас, во согласност со Статутот на Федерацијата, покрај Серафимоски за претседателската функција се кандидираа уште Ванчо Стојанов и Ивица Јовановски. Серафимоски победи во вториот круг на гласање, добивајќи 12 гласа наспроти деветте за Јовановски.
Новиот претседател на македонската „кралица на спортовите“ има 45-годишно искуство во атлетскиот спорт. Тренер е на Љуботен од Тетово, минатиот период беше член на Извршниот одбор на АФМ, претседател е на Тренерската и на Стручната организација и селектор на репрезентацијата.
Во својата програма Серафимоски главен акцент стави на подобрувањето на инфраструктурата, на соработката со сите домашни и со меѓународните институции, на решавањето на статусот на атлетичарите и на тренерите во Македонија, како и на стратегијата за олимпискиот циклус 2012-2016 година. (М.К.) |