24.06.2012, 17:25 Алонсо ја разби низата со различни победници
Шпанецот во трката во Валенсија го забележа својот втор триумф сезонава
Возачот на Ферари, Фернандо Алонсо, стигна до втората победа сезонава во возбудливата трка во Валенсија, која се возеше за Големата награда на Европа во Формула 1. Со тоа Шпанецот ја прекина низата од седум трки со исто толку различни победници сезонава. Веднаш зад него се најде Финецот од Лотус, Кими Раиконен, а место на пиедесталот имаше и за седумкратниот светски шампион, Германецот Михаел Шумахер од Мерцедес.
Бранителот на титулата Себастијан Фетел од Ред бул мораше да се откаже во 34. круг поради проблеми со болидот. Слична судбина го снајде и пилотот на Мекларен, Луис Хамилтон, кој два круга до крајот не успеа да ја задржи втората позиција, откако прво беше престигнат од Раиконен, а по судирот со Малдонадо предвреме ја заврши трката.
Алонсо пред своите навивачи успеа да се искачи и на највисокото место во генералниот пласман по пехот што им се случи на неговите најголеми конкуренти Хамилтон и Фетел. Шпанецот сега има 111 поени и се наоѓа пред Марк Вебер, кој по Валенсија на своето конто собра 91 бод. Трет е Хамилтон со 88.
Во битката кај тимовите Ред бул води со 176 бода, пред Мекларен со 137, трет е Лотус со 122, колку што има и Ферари на четвртата позиција. Карванот по две недели се сели во Велика Британија, каде што ќе се вози на патеката во Силверстоун. |