29.06.2012, 09:32 „pH неутрална за животот и смртта“ од Лидија Димковска објавена на словенечки
Книгата беше промовирана на прес-конференција посветена на најновите изданија на издавачката куќа „Цанкарјева“
Издавачката куќа „Цанкарјева“ од Љубљана, која важи за една од најдобрите словенечки издавачки куќи, ја објави поетската книга „pH неутрална за животот и смртта“ од Лидија Димковска, во препев на словенечки на Алеш Мустар.
Книгата беше промовирана на прес-конференција посветена на најновите изданија на издавачката куќа „Цанкарјева“. Aвторката одржа неколку читања во Љубљана, од кои едно во рамки на меѓународниот поетски фестивал „Млади рими“ на кој настапи како специјален гостин, заедно со словенечкиот поет Томаж Шаламун, добитник на Златниот венец на поезијата, како и на традиционалните „Вечерни стоенки“, на која преку разговор и читање секој јуни се претставуваат најновите поетски и прозни изданија на „Цанкарјева“.
Поетската збирка „рН неутрална за животот и смртта“ е трета книга од Димковска преведена на словенечки јазик, по „Нобел против Нобел“ и „Скриена камера“. |