29.06.2012, 13:59 Иванов: Сите членки на ЕУ се одговорни за Македонија
Претседателот нагласи дека сите треба да се замислат зошто државата се уште не добива датум за преговори за членство во ЕУ
Членка на Европската унија не може да биде држава која не ги почитува европските стандарди, критериуми и принципи, а Македонија досега покажа дека се однесува европски, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред учесниците на официјалното отворање на 23. годишна сесија на Форумот Кран Монтана, што почна денеска во Баку.
Иванов одговарајќи на прашање за тоа каде ја гледа иднината на Македонија во однос на Европа, нагласи дека сите треба да се замислат зошто државата се' уште не добива датум за преговори за членство во ЕУ.
Тој на претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, кој исто така присуствува на Форумот, му го честиташе добивањето на датумот за преговори, напоменувајќи оти Македонија го заслужува истото.
„Секој секого може да блокира на Балканот. Ние никого не сме блокирале и секој пат Македонија покажувала како треба да се однесува кон другите религии, кон другите етнички и јазички групи и како во услови на блокада да се обезбеди просперитет“, истакна Иванов.
Тој посочи дека Македонија изградила модерна интеграција без асимилација и инклузивен модел на демократија.
„По конфликтот, изработивме Рамковен договор што треба да претставува пример и за самата Европа како треба да се однесува кон различностите. Меѓутоа, нашата иднина е блокирана од еден ирационален спор. Како да докажам сега дека јас зборувам македонски јазик, како да докажам дека доаѓам од земја што се вика Македонија, што била, останала и ќе биде Македонија, не можеме да бидеме друго“, им порача Иванов на присутните сегашни и поранешни претседатели, премиери и претставници на меѓународни организации.
Тој истакна дека Европа наместо да поддржува просперитет и развој, е солидарна со една нејзина членка, која, како што рече „ни прави проблеми нам и на целиот регион“. Тој уште додаде дека сите земји-членки на ЕУ се одговорни за тоа што и' се случува на Македонија во однос на нејзиното членство во Унијата.
|