29.06.2012, 13:44 „Самсон и Далила“ и изложби на Богдан Богдановиќ на „Скопско лето“
Балетската претстава „Самсон и Далила“, по музика на Камиј Сен-Санс, ќе биде изведена вечерва во Македонската опера и балет во 20 часот, во рамките на „Скопско лето“
Познатата љубовна приказна за библиските ликови Самсон и Далила како балет првпат беше претставена на македонската сцена пред неколку месеци. Кореографијата е на Роналд Савковиќ од Хрватска. Во претставата учествува музичарот Џенгиз Ибрахим, кој на канон ќе изведува амбиентална музика, а ќе настапат и џез-вокалистката Вероника Ронда и пијанистот Пабло Салинас од Шпанија.
Главните улоги им се доделени на Александра Мијалкова како Далила и на Јован Веселиновиќ од Србија како Самсон. Во преостанатите улоги ќе настапат Мими Поп Алексова (Крв), Бобан Ковачевски (Месо) и Горан Божинов (церемонијал-мајстор).
„Самсон и Далила“ е најпознатата од 12 опери на Камиј Сен-Санс, која е изведена на сите големи оперски сцени во светот. Ова е приказна за страста, заведувањето, предавството и смртта. Средиштето на операта е прекрасниот љубовен дует во вториот чин - љубовна сцена со музика полна со страст, една од најпознатите во историјата на француската и светската опера.
Кореографот Савковиќ (37) повеќе од десет години работи во познатата берлинска опера „Штац“ и се смета за еден од водечките кореографи во Европа.
Во Музејот на современата уметност во 20,30 часот, пак, на Меѓународниот ден на архитектурата, ќе бидат поставени изложби на Богдан Богдановиќ под наслов „Портрети на белградски архитекти“ и „Проколнатиот архитект“. Куратор е Викторија Васев-Димеска. Проектот на Богдановиќ претставува ретроспективен приказ на творештвото на овој прочуен архитект, педагог, проучувач на градот, скулптор. Делата ја изразуваат неговата повеќеслојна уметничка дејност: скици, идејни решенија за проекти, објекти, скулптури, пишани трудови... (Т.И.)
|