29.06.2012, 21:14 Црна Гора ги започна преговорите за членство во ЕУ
Европската унија попладнево ги отвори преговорите со Црна Гора за нејзин прием во Унијата.
Првиот состанок на конференцијата за пристапување на министерско ниво меѓу ЕУ и Црногорците следува по одлуката на Советот за општи прашања на 26 јуни да побара отворање на разговорите, што на денешниот Самит на Европскиот совет беше одобрено.
Делегацијата на ЕУ на почетокот на преговорите денеска беше предводена од Николај Вамен, министер за европски прашања на Данска, кој до утре вечер е преседавач со Советот, додека Европската комисија беше претставена од Штефан Филе, еврокомесар за проширување и соседска политика.
Црногорската делегација, пак, беше предводена од Милан Рочен, министер за надворешни работи и европски интеграции на ова земја.
Црна Гора е веќе близок партнер на ЕУ во процесот на стабилизација и асоцијација, процес за земјите од Западен Балкан и, како што е наведено од страна на Советот на 26 јуни, ЕУ-делегацијата нотирала дека Црна Гора го има постигнато потребниот степен на усогласеност со критериумите на Унијата за членство, особено политичките критериуми и дека е подготвена да ги почне пристапните преговори.
Покрај тоа, ЕУ ја претстави својата преговарачка рамка, што исто така беше усогласена со Советот на 26 јуни. Преговарачката рамка го зема предвид искуството на ЕУ со петто проширување и развојот на европското законодавство, а соодветно ги одразува сопствените заслуги и специфични карактеристики на Црна Гора. Тоа ги поставува принципите со кои се регулираат преговорите и новиот пристап е усогласен за разговори за пристапување во врска со поглавјата за судството и основните права и правдата, слободата и безбедноста, како и за преговорачките процедури.
Делегацијата на ЕУ на почетокот на преговорите истакнала дека на патот кон пристапување Црна Гора ќе треба да продолжи со напорите да го усогласи своето законодавство со она на ЕУ и ќе мора да обезбеди негова примена и спроведување. ЕУ ја истакна важноста што се дава на владеењето на правото и почитувањето на основните човекови права, и ја повика Црна Гора да се справи со прашањата од интерес идентификувани од страна на Европската комисија во нејзиниот последен извештај за напредокот на земјата.
Се работи пред се за независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и потребата Црна Гора да ги зајакне своите напори со цел да се воспостави солиден учинок во текот на преговорите.
Во текот на отворањата на поглавјата е најавено дека Еуропол ќе презентира извештај за организираниот криминал во Црна Гора, а Комисијата ќе се осигура дека тоа се зема предвид во нејзините скрининг-извештаи. Контактите на ЕУ со Црна Гора сега ќе бидат изведени со цел да се одреди датум и агендата за Првиот состанок на конференцијата за пристапување на заменичко ниво
|