28.06.2012, 09:11 Папуљас со писмо од Самарас на самитот на ЕУ во Брисел
Претседателот Каролос Папуљас, кој ја предводи грчката делегација на самитот на ЕУ кој денеска и утре се одржува во Брисел, на европските лидери ќе им предаде писмо од премиерот Андонис Самарас во кое се бараат прилагодувања на договорот за враќање долгот на земјата кон кредотрите, jави дописникот на МИА од Атина.
Неименувани извори наведоа дека во писмото Самарас не бара специфични промени на условите за враќање на долгот, туку наведува дека се неопходни „извесни прилагодувања“ поради се поголемата рецесија и високата невработеност во земјата.
Премиерот, кого Папуљас го заменува на самитот на ЕУ затоа што Самарас мора да остане дома по операцијата на окото, ќе биде во постојан контакт со претседателот за време на самитот во Брисел. Самарас вчера телефонски разговараше со италијанскиот премиер Марио Монти, со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и со францускиот претседател Франсоа Оланд.
Тој ги уверувал европските партнери дека Грција ќе ги исполни обврските кон кредиторите но во меѓувреме се труди и да ги убеди на можна ревизија на условите за договорот за исплата на долгот.
Откако и Шпанија и Кипар порабаа помош од ЕУ, не се очекува грчките финансиски проблеми да бидат во фокусот на самитот на ЕУ. Грчките медиуми очекуваат лидерите на Унијата можеби кусо да разговараат за барањата на Грција за измени и дополнувања на Меморандумот, иако има малку воља за продолжување на периодот за фискално прилагодување.
Европската унија најверојатно нема да донесе никакви одлуки за Грција на самитот во Брисел. Портпаролот на германската Влада Штефен Сејберт пред некој ден рече дека „европските партнери ќе се држат до процедурата“, што значи дека претставниците на тројката (ЕУ, ММФ, Европска централна банка) прво треба да ја посетат Атина за да видат колку ефективно се спроведува програмата и потоа да поднесат извештај.
Врз основа на тој извештај ќе бидат донесени потенцијални неоходни промени на програмата.
- Ова е распоред според кој се држат сите во Европа, така што не очекувајте одлуки за Грција на Европскиот совет, нагласи германскиот функционер.
Во грчката делегација предоводена од Папуљас се и министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, министерот за финансии во заминување Јоргос Заниас, заменикот министер за финансии Кристос Стаикурас и министерот за развој Костис Хаџидакис. Самарас прво го назначи Аврамопулос за шеф на делегацијата, но претставници на ЕУ реагираа дека со тоа се кршат правилата на Унијата за самит на премиери и шефови на држави.
|