28.06.2012, 22:49 (ЕП 2012) Италија финалист, Балотели и пресуди на Германија
Со двата гола на напаѓачот на Манчестер сити, „азурите" ги елиминираа „панцерите" (2:1) и обезбедија дуел со Шпанија за титулата на ЕП
Италија ја совлада Германија со 2:1 во вториот полуфинален меч на Европското фудбалско првенство и во големото финале во недела во Киев ќе игра против бранителот на тронот Шпанија. Марио Балотели беше човекот што им пресуди на "панцерите" вечерва. Постигна два гола во 20 минута и во 36 минута и ги поведе "азурите" во пресметката за континенталната круна. Единствениот за Германците беше дело на Езил од пенал во третата минута од судиското продолжение. Италија сосема заслужено триумфира вечерва, нејзините репрезентативци се издигнаа над себе, покажаа дека можат да се носат со секаков притисок, докажаа дека се најсилни кога се ранети (во случајот со скандалот со лажирање на натпревари на Апенините) и ја прекина низа од 15 победи едноподруго на Германците.
Интересни први 45 минути ни' понудија Германците и Италијанците во битката кој ќе се обиде да ја детронизира "фуријата". Воведот и' припадна на Германија чии репрезентативци веројатно истрчаа на тревникот со концепција да постигнат гол во раната фаза. Хумелс ја имаше првата закана по корнер во 5 минута, но Буфон со помош на Пирло ја исконтролира ситуацијата. Во 13 минута се обиде и Крос кој биеше крај голот, една минута подоцна и Ројс ги тестира нишанските справи, за среќа на Буфон топката профуче над неговиот гол. И кога нема да се искористат сопствените шанси, следува казна. Балотели погоди со глава за радост на Италијанците по акцијата во која учествуваа Кјелини и Касано во улога на асистент. Кедира се амбицира да ја анулира позитивата на "азурите" во 35 минута меѓутоа неговиот проектил заврши крај голот. Притоа еден од италијанските играчи ја закачи топката, а Германците добија корнер. Се преселија речиси сите во казнениот простор во кој царуваше Буфон, но без ефект. Тоа, пак, ги чинеше вторпат да тргнат од центарот на игралиштето. Топката стигна до Пирло кој упати прецизна дијагонала во нападот кон Балотели кој на фантастичен начин го искористи "гостувањето" на германските штопери пред голот на Италија при прекинот. Напаѓачот на Манчестер сити одлично да "залепи" топката за себе, направи чекор и без размислување испорача "бомба" што одново заврши зад грбот на Ноер.
По паузата Германија повеќе немаше што да чува. Тргна во мисија да се обиде да спаси тоа што може да се спаси меѓутоа се' што сторија нејзините фудбалери беше попусто. Лев презеде ризичен потег и во нападот кон Клосе и Гомеш го придодаде и Милер со што се отвори простор за составот на Прандели преку контранапади да го дотолче противникот. Маркисио во 74 минута можеше да одигра и поколективно и да ги "вработи" Ди Натале наместо да солира. Две минути подоцна пресликана ситуација, но Дијаманти се лизна, па Германците можеа да здивнат. И не за долго. Во 80 минута Ди Натале поведе контра, излезе сам пред Ноер и пропушти идеална прили��а за трет гол во меч, втор за него на шампионатот. До крајот Германците успеаја само да го ублажат поразот по прецизно изведениот пенал на Озил во втората минута од судиското надополнување, откако претходно со рака во шеснаесетникот играше Балзарети. (С.Д.)
|