27.06.2012, 13:00 Алонсо блиску до рекордот на Шумахер
Шпанецот го делат три победи од рекордните 22 триумфа на Германецот на различни патеки
Фернандо Алонсо во Валенсија ја забележа својата 19. победа на различна патека во Формула 1 и сега го делат три триумфа од рекордот во оваа категорија на Михаел Шумахер, кој 22 од своите 91 гран-при победа има остварено на различни писти. Ако Шпанецот до крајот на годинашната сезона победи на патеките на кои допрва треба да го стори тоа, тој може да го победи Германецот во оваа статистика, која е доказ за способноста на возачот да се приспособи на различни видови патеки.
Куриозитет е дека возачот на Ферари нема славено во Белгија и во Бразил, две од неговите омилени патеки. Податокот уште повеќе изненадува бидејќи тој во 2000 година победи во Формула 3000 токму во Спа, непосредно пред да премине во Минарди. На Интерлагос, пак, Астуриецот ги прослави двете свои титули, но никогаш не поминал посебно добро во една трка на оваа патека. Никогаш досега не изборил пол-позиција за Големата награда на Бразил и повеќе бил преокупиран со собирањето поени потребни за освојување на шампионатот отколку со други остварувања. Интерлагос, како и Унгарија, е местото на кое тој стана славен со пласманот на подиумот во 2003 година - денот на бруталната незгода што го одведе в болница - но и каде што среќата повеќе не го придружуваше.
Индија, Абу Даби и новата патека во Остин, која дебитира во Ф1-циркусот сезонава, заедно со Интерлагос и Спа, се местата на кои Алонсо допрва треба да победи и кои можат уште годинава да му одземат еден од мноштвото рекорди на Шумахер. (Марка)
|