24.06.2012, 10:30 (ЕП 2012) Борбеноста против тактиката
Мечот во Киев, вечерва ќе покаже дали Италија или Англија ќе ја комплетира полуфиналната четворка на ЕП
Уште една фудбалска класика ќе го заокружи надигрувањето за место во полуфиналето на ЕП 2012. Англија и Италија ќе се пресметаат за првпат по пауза од 10 години кога одиграа пријателски меч што го добија „азурите“ со 2:1 на гости. Нема фаворити ниту извесни прогнози. Впрочем, тоа што уште на три дена пред мечот се зборуваше за тренирање пенали покажува кое е најочекуваното сценарио на овој четвртфинален меч.
Момците на Чезаре Прандели имаа повеќе време за одмор, па дури и за ексцентрични прошетки. Италијанскиот селектор го исполни ветувањето и во средата, во три часот наутро, ја поведе репрезентацијата на пешачење до локален манастир, оддалечен 21 километар. Но, можеби, Божјата помош повеќе ќе им биде потребна на нивните противници. Англичаните имаат очајни бројки со дури седум порази на 10 четвртфинални натпревари, било на европско или на светско првенство. Интересно е тоа што „Гордиот албион“ никогаш досега не остварил три победи на еден европски шампионат не сметајќи ги натпреварите кои завршиле со пенали. Победа против Италија би го скршила проклетството меѓутоа ретки се самоуверените оптимисти во Англија бидејќи нивната репрезентација нема успех против некоја од светските велесили уште од триумфот над Аргентина на СП во 2002 година. Се израдуваа за момент што ќе ја избегнат Шпанија, поради првото место во групата Д, но еуфоријата спласна бидејќи Италија е само помало зло.
Италијанците загубиле само на два елиминациски меча во последните 24 години, не сметајќи ги дуелите што завршиле со пенали, ниту финалето на ЕП во 2000 година. Важат за мајстори за тактика и калкулирање и затоа во историјата мноху посилни биле во нокаут мечевите, отколку во групните натпревари. Овој пат многу стручњаци се согласија дека овој состав и овој селектор се можеби и посилни од светскиот првак во 2006 година. Сепак, селекцијата ќе биде ослабена за Џорџо Кјелини кој заработи повреда против Ирска и нема да ја санира на време. Негова замена ќе биде клупскиот колега од Јувентус, Леонардо Бонучи.
Кај Англија владее позитивна атмосфера и поради успешната групна фаза, но и поради успешното враќање на Вејн Руни. Тоа што Тио Волкот влезе во второто полувреме против Украина, покажува дека е подготвен и веројатно ќе стартува во мечот со Италијанците.
Италијанците последен пат биле меѓу најдобрата четворка на едно ЕП во 2000, додека Англија го памети полуфиналето од 1996 година. Натпреварот ќе се игра в недела, од 20:45 часот, на „Олимпискиот стадион“ во Киев, а „награда“ за победникот е дуел со Германија. (М.К.)
|