26.06.2012, 13:14 (ЕП 2012) Илиевски: Најдобрите се во полуфиналето
Ексселекторот на Македонија смета дека најдобрата четворка на ЕП е реално најсилна во моментов
Нокаут-фазата на ЕП 2012 го оправда својот назив. Сите изненадувања, лабави настапи и неубедливи изданија не можеа да се протнат преку елиминацискиот филтер по што, според критериумите на мнозинството, остана реално најдобрата четворка на шампионатот. Во целост се согласува и поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Никола Илиевски.
„Најсилните екипи се во полуфиналето, сите четири оправдано обезбедија пласман“, констатираше Илиевски. Сепак, можеше да видиме и за нијанса повозбудлив фудбал, според ексселекторот. За него, Франција премногу лесно се предала.
„Мене негативно ме изненади Франција. Дозволи со една повлечена формација лесно да биде надиграна, без да го искористи својот целосен капацитет. Французите имаат одлични офанзивни фудбалери, големи имиња кои седеа на клупа и влегоа дури во второ полувреме. Верував дека можеа барем до полуфинале“, анализира популарниот Џиџи. „Спротивно на тоа, пријатно изненадување е Италија. Екипата која и во репрезентативниот и во клупскиот фудбал отсекогаш била препознавана по затворената игра, „катанаџото“, против Англија играше напаѓачки со целосна доминација во 120 минути. Требаше да победат и порано, ама пеналите ја задоволија правдата“, заклучи Илиевски.
Логично е да се разликува карактерот на натпреварите во групна и во елиминацискиот сегмент. Овде нема калкулации и втори шанси и затоа клучна е насоката која селекторите ќе ја трасираат во почетокот на мечот.
„Во нокаут-фазата видовме големи потези од селекторите, за што секако треба да имате и големи играчи. Дел Боске, на пример, и покрај сите критики повторно постави формација без напаѓач, а потоа кога Шпанија поведе и противникот требаше да нападне, тој наместо да се брани, во игра внесе двајца напаѓачи (Торес и Педро). Се зборуваше и за Германија, за тоа што почна со втората постава напаѓачи. За мене нема втора постава, сите повикани се еднакво важни. Некогаш не треба да ги имате најдобрите играчи на теренот за да победите, но треба да знаете како да ги распоредите“, објаснува поранешниот предводник на нашиот национален тим.
Најдоброто допрва следува. Сите четири полуфиналисти покажаа карактер и убедлива игра и затоа ќе биде интересно да се одредат нијансите кои ќе пресудат за пласман во финалето.
„Во полуфиналето ќе одлучи поголемиот и поквалитетниот избор на клупа и секако, тактиката. Тактичките определби на селекторите ќе бидат важни во првото, но уште поважни ќе бидат во второто полувреме, во оние периоди кога се крши натпр��варот. Исто така многу важни ќе бидат играчите кои се подготвени за трансформација од еден во друг систем, играчите со интелект“, предвидува Илиевски, кој има малку поинакви очекувања за полуфиналниот епилог од мнозинството прогнозери. „Моја прогноза е дека Португалците ќе направат мало изненадување и ќе ја елиминираат Шпанија. Португалија има доволно добри поединци за тој подвиг, а Шпанците имаат посебен психолошки товар. Од нив се очекува многу, како што се очекуваше да играат Реал и Барселона во финале во ЛШ. Но, видовме дека не победува секогаш оној што ќе прикаже најдобар фудбал. На Германците, пак, нема да им биде лесно со Италијанците. Тие се многу сигурни и ќе сакаат да докажат дека во нивната земја се игра квалитетен фудбал и покрај сите скандали кои ја тресат. Мислам дека Португалија и Германија ќе играат финале, но сакам Италијанците да направат изненадување и да се пласираат во завршницата“, заврши популарниот Џиџи. (В.А.)
|