26.06.2012, 17:49 МЗТ Скопје станува акционерско друштво
Основачи на друштвото се Општина Аеродром и „Орка спорт“ со сооднос во уделот 75:25 проценти
МЗТ Скопје е првиот кошаркарски клуб во Македонија што ќе се трансформира од здружение на граѓани во акционерско друштво. За таа цел е поведена постапка за основање АД за вршење дејност спорт, а како негови основачи се јавуваат Општина Аеродром и Друштвото за трговија и услуги „Орка спорт“ ДООЕЛ Скопје. Иницијативата беше точка на дневниот ред на вчерашната седница на Советот на општината и се очекуваше да биде усвоена.
Основачкиот капитал на друштвото ќе биде 25.000 евра, од кои 75 проценти (18.750 евра) ќе се обезбедат од општинската каса на Аеродром, а во останатите 25 отсто (6.250) ќе учествува „Орка спорт“.
„Точно е дека Општина Аеродром и ’Орка спорт‘ засега влегуваат како акционери на друштвото. Но, ние како клуб искрено се надеваме дека за акционерското друштво голем интерес ќе пројават и други фирми“, потврдува претседателот на МЗТ Скопје, Сашо Босилков.
Со новиот правен субјект ќе управува борд на директори, кои ќе ги кандидира Собранието на друштвото, во чиј Статут ќе се уредат и номиналниот износ на хартиите од вредност, бројот на акциите што ќе се емитуваат и други прашања од значење за друштвото, а во согласност со Законот за трговски друштва. За овластен претставник на општинските власти во Собранието на акционери е предложен Виктор Камиловски, претседател на Советот на Општина Аеродром. Актуелниот шампион на Македонија ќе се води под името Кошаркарски клуб МЗТ Скопје Аеродром АД Скопје.
Со преименување во АД, односно со поддршката од општината и од „Орка спорт“, „металците“ ги потврдуваат своите долгорочни амбиции. Стабилноста и финансиската поддршка најмногу ќе им биде потребна во АБА Јадранската лига, каде што ќе настапуваат како единствен македонски претставник што успеал да дојде до вајлд-карта.
МЗТ Скопје ќе дебитира во АБА Јадранска лига на 29 септември. Челниците на ова натпреварување решија новата натпреварувачка сезона да почне порано од досегашната практика, што е спротивно од
очекувањата на „сино-белите“. Плановите на македонскиот шампион беа кроени по минатогодишниот распоред, односно лигата да стартува во првата половина на октомври. Двојките за првото коло и распоредот на натпреварите ќе бидат познати на 10 јули.
АБА Јадранска лига би требало да заврши на 23 март 2013 година, период во кој МЗТ Скопје ќе мора да ги игра паралелно и натпреварите од Суперлигата во домашното првенство. (М.К.)
Македонија ноќеска со Порторико
Македонската кошаркарска репрезентација вечерва по полноќ (2,30 ч.) во Сан Хуан ќе го одигра првиот од двата пријателски натпревара со Порторико, кои ќе бидат последни пред стартот на квалификациите за Летните олимписки игри, кои од 2 до 8 јули ќе се одржат во Венецуела.
Селекторот на „црвено-жолтите“, Марјан Лазовски, прв пат на располагање ќе ги има сите 12 кошаркари за предолимпискиот турнир, откако последен во Атланта се вклучи Лестер Бо Мекејлеб.
За македонските кошаркари двете контроли ќе бидат вистински тест за тоа што ги очекува во Каракас. Арената „Колисео“ во Сан Хуан се очекува да биде исполнета до последното место, а домаќинот најавува спектакл пред 15.000 гледачи.
Двете средби против Македонија ќе бидат последни и за репрезентацијата на Порторико, која во Венецуела ќе се обиде да избори ново учество на Олимписките игри по тоа во Пекинг 2008. Втората контрола ќе се одигра утре во 2 ч. по полноќ. По завршувањето на натпреварот македонската експедиција се сели во Каракас, каде што ќе има неколку дена за адаптација пред првиот дуел против Ангола на 2 јули. (М.К.) |