28.06.2012, 12:30 Претставата „Госпоѓица Јулија“ од Стриндберг премиерно во МНТ
Претставата „Госпоѓица Јулија“ од Август Стриндберг во режија на Саулиус Варнас, вечер премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар во рамки на Фестивалот Скопско лето
Уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски на прес-конференција рече дека „Госпоѓица Јулија“ е продолжување на нивните заложби и стратегија за железен репертоар на МНТ по теркот на националните европски театарски куќи кои го негуваат тој, како што истакна, таканаречен железен репертоар.
- Во изминатите две години се покажа дека концептот за создавање железен репертоар и создавање на големи важни дела и театарски претстави наидува на одличен прием кај публиката што е само потврда дека сме го избрале вистинскиот пат. „Госпоѓица Јулија“ од Стриндберг е едно од капиталните дела светската драматургија. Актерската екипа и режисерот направија една голема и значајна претстава за МНТ, посочи Пројковски.
Претставата, рече тој, има еден специфичен сценски израз кој ќе биде големо освежување не само за нашиот репертоар туку и воопшто за МНТ.
Режисерот Саулиус Варнас од Литванија, кој работел во повеќе држави и е добитник на повеќе награди, истакна дека му претставува задоволство да работи во една нова земја.
- Не сум роб на литературата, секогаш сакам да креирам нешто ново, да избирам тимови. За мојата работа многу е важно движењето на сцената, текстот како музика или како звук и боите кои се појавуваат на сцената кои треба да бидат како музика. Сите елементи кои ги набројав мора да бидат како некаков вид композиција. Кога ќе се спојат сите овие елементи треба да биде нешто што е неочекувано, рече Варнас.
Појасни дека Стриндберг има напишано околу 60 дела кои се преведени на германски јазик и додаде дека во нив тој говори за борбата меѓу мажот и жената.
Во претставата настапуваат актерите Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски и Звезда Ангеловска. Сценографијата и костимите се на Јурате Рачинскаитае.
|