29.06.2012, 17:20 „Хеленик петролеум“ тврди дека има нафтени резерви
Грчката компанија „Хеленик петролеум“ уверува дека Грција нема потреба од паника за нафтена криза поради ембаргото на ЕУ со кое од 1 јули престанува увозот на нафта од Иран. Советникот на „Хеленик“, Јанис Костопулос, по состанокот на компанијата истакна дека уште од март годинава имаат обезбедено нафта од северна и западна Африка, Саудиска Арабија, Каспија и Ирак.
Грчката компанија планира да го подобри опаднатиот профит преку зголемување на извозот на нафта. Регионите кои ги има пикирано како потенцијални нови пазари се Балканот, Турција и одредени европски држави. Преку ширење на нови пазари компанијата има зацртано годинава извозот да изнесува 28 отсто за разлика од 20 отсто во 2011, со цел до 2015 година да достигне до 40 отсто. За зголемување на производството „Хеленик“ отвора нова рафинерија во Грција, што за компанијата е една од поголемите инвестиции и изнесува 1,2 милијарди евра. Како што истакнал Костопулос на состанокот на бордот на компанијата, веќе има заинтересираност од странски трговци за одредени количини дизел кои ќе се произведуваат во новата рафинерија. (М.П.) |