29.06.2012, 12:19 Македонија поразена и на втората контролка со Порторико
Македонската кошаркарска репрезентација загуби и на вториот пријателски натпревар на гостувањето кај Порторико, овојпат со резултат 84:72
Пред околу пет илјади гледачи ноќеска по македонско време во „Колосао“ арената во Сан Хуан, избраниците на Марјан Лазовски одиграа подобро отколку на првиот дуел пред два дена. Двете репрезентации се менуваа во водството во првото полувреме кое заврши со резултат 39:36 за домаќинот. Изедначено беше до 25.та минута, а од тој момент Порториканците резултатски се одлепија по серијата од 16:0 за да стигнат до конечната победа со 12 поени разлика.
Владо Илиевски беше најефикасен во македонскиот состав со 18, а со дабл-дабл учиноци мечот го завршија Перо Антиќ (15 поени и 11 скокови) и Лестер Бо Мекејлеб (15 поени и 10 асистенции). Дамјан Стојановски додаде 10 поени, а во листата на стрелци се запишаа и Тодор Гечевски со 8 и Предраг Самарџиски со 6 постигнати поени.
Ова беше последен подготвителен натпревар за Македонците пред настапот на предолимпискиот турнир во Каракас. Македонија во Венецуела патува со скор од две победи и четири порази во подготвителниот период.
|