26.06.2012, 17:44 Шевченко избира меѓу пензија и САД
Фудбалската легенда на Украина се двоуми дали да ја продолжи кариерата
Украинскиот фудбалски ас Андреј Шевченко соопшти дека разгледува понуди за трансфер во клуб надвор од Украина, но потврдува дека опција е и целосно пензионирање. Фудбалерот ја заврши репрезентативната кариера откако неговиот национален тим отпадна од фазата по групи на Европското првенство. Меѓутоа, се' уште размислува каде да води раскрсницата во неговата клупска кариера. На 35-годишниот напаѓач во јули му истекува договорот со Динамо Киев, а тој е заинтересиран за понудите кои доаѓаат од преку Атлантикот, од американската МЛС-лига. „Во моментов се' уште не сум донел одлука за мојата иднина - дали ќе продолжам да играм, дали ќе се повлечам, дали ќе останам во Украина или ќе одам во странство. Имам понуда од Динамо Киев, но имам понуди и од надвор. Дозволете да земам здив, по завршувањето на Европското првенство и да донесам одлука. Сигурно е дека ќе останам во фудбалот. Тој е повеќе од игра за мене, јас живеам за него“, изјави Шева, при посетата на своето старо училиште во Киев. Најголем проблем за украинскиот миленик во продолжување на играчката кариера можат да бидат хроничните повреди на грбот и на левото колено и затоа самиот потврди дека здравствената состојба ќе игра значајна улога во неговата одлука. Поранешниот напаѓач на Милан и на Челзи е најмладиот и најстариот голгетер во украинската репрезентација и истовремено и најефикасниот, со 48 гола на 111 натпревари. Осум години помина во Милан, од кои последната како позајмен играч од Челзи. Три години беше дел од клубот од Лондон, а збирно осум во Динамо Киев. (В.А.) |