26.06.2012, 14:47 Шундовски ја презеде Констанца
Со официјалното претставување, Звонко Шундовски и формално почна да работи како тренер на романскиот ракометен првак Констанца
„Ја избрав Констанца како добра екипа, со добри резултати во Европа, на која ќе се обидам да и' го пренесам борбениот дух што го прикажа Македонија на Европското првенство, каде што го освои петтото место. Целите се јасни: освојување на титулата и на Купот во Романија и поминување на групата во Лигата на шампионите. Ги гледав настапите на Констанца во ЛШ минатата сезона, ја увидов вредноста на играчите и мислам дека нема да имам проблеми со приспособувањето“, изјави Шундовски, кој тренерската функција ќе ја извршува паралелно со селекторската во македонската репрезентација.
Тој со раководството на клубот договори седум засилувања од странство, од кои две веќе се ангажирани. Станува збор за пикерите Милутин Драгичевиќ од Србија, кој дојде од Кил, како и за Шпанецот Алберто Санчо Вал од Арагон. Клубот го напуштија Чике Онјеџекве, Мариуш Нованк, Флорин Николае, Александру Димаке и Гркот Николаос Риганас.
За Констанца настапува македонскиот репрезентативец Бранислав Ангеловски. (Р.Д.)
|