28.06.2012, 09:27 Македонските кошаркари поразени од Порторико
Во претпоследниот контролен натпревар пред настапот на Олимпиксите квалификации, кошаркарската репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Порторико со 96:77
Натпреварот кој се одигра ноќеска во арената „Колосео“ во Сан Хуан имаше изедначен почеток, но по 5.минута домаќините почнаа резултатски да се одлепуваат. Избраниците на Марјан Лазовски постојано беа во ситуација да го бркаат водството на противникот, а слабата одбрана и лошата реализација на „црвено-жолтите“ беа причините Македонија на полувреме да замине со негатива од 20 поени (31:51).
Второто полувреме добро почна за нашите репрезентативци, кои со серија од 11:2 намалија на 60:49, но следуваа поени во низа за Порторико со што беше одбиен обидот на Македонците да фатат резултатски приклучок.
Перо Антиќ со 19 поени и 8 скокови беше најефикасен во нашиот состав, а Лестер Бо Мекејлеб, за кого ова беше прва средба од подготовките, додаде уште 13 поени, 5 асистенции, 4 скокови и 2 украдени топки. Во листата на стрелци се запишаа и Владо Илиевски (12 поени, 4/6 за тројка), Тодор Гечевски (12 поени, 4 скокови), Војдан Стојановски (10 поени, 3 скокови, 3 асистенции), Предраг Самарџиски (9 поени, 5 скокови) и Дамјан Стојановски (2 поени, 5 скокови).
Вториот меч во „Колосео“ арената помеѓу Порто Рико и Македонија е закажан за ноќта петок кон сабота во 2 часот и 30 минути по македонско време. Тој натпревар ќе биде последна контроллка за двете репрезентации пред настапот на квалификацискиот олимписки турнир во Каракас, Венецуела.
|