28.06.2012, 14:39 Лондон „печен“ за трка во Формула 1
„Тајмс“ пишува дека Берни Еклстоун ќе инвестира 35 милиони фунти во планот за кој вели дека „ќе биде фантастичен, добар за Лондон, добар за Англија - многу подобар од Олимпијадата“
Лондон е на добар пат да организира улична трка во Формула 1, во која патеката би поминувала покрај некои од најпознатите заштитни знаци на британската престолнина. Весникот „Тајмс“ пишува дека првиот човек на овој спорт Берни Еклстоун ќе инвестира 35 милиони фунти во планот за кој тој вели дека „ќе биде фантастичен, добар за Лондон, добар за Англија - многу подобар од Олимпијадата“. Предложената патека долга 3,2 милји би поминувала покрај објекти како Бакингемската палата, Трафалгар сквер и Биг Бен. Весникот тврди дека трката веднаш ќе му стане конкурент на Монако како најпривлечна во календарот.
Еклстоун, според „Тајмс“, очајно се обидува да ја направи лондонската трка стварност, толку многу што ќе понуди самиот тој да ја промовира, нечуена понуда во време кога владите низ светот се подготвени да платат 30 милиони фунти за правото да организираат гран-при. Милијардерот на возраст од 81 година, кој во моментов е во центарот на вниманието откако банкарот кому тој му плати 10 милиони фунти заврши в затвор со обвинение за корупција, тврди дека трката ќе се исплати самата себе, привлекувајќи 120.000 гледачи и донесувајќи и' до 100 милиони фунти на британската економија.
Лондон беше домаќин на демонстративен настан со предзнакот на Формула 1 во 2004 година, во кој болидите се тркаа нагоре и надолу покрај Пикадили. Секој иден гран-при во Лондон би морал да биде дополнение за Големата награда на Велика Британија, со оглед на тоа дека Силверстоун има долгорочен договор.
|