29.06.2012, 17:59 Тричковски претставен во Бриж
Македонскиот репрезентативец потпиша на три плус една година за белгискиот клуб
Најавите за трансфер на Иван Тричковски во Клуб Бриж вчера добија потврда и пред белгиската јавност. Македонскиот репрезентативец беше претставен како ново засилување во следните три сезони, со опција за уште една, а Бриж му платил отштета од еден милион евра на АПОЕЛ од Никозија. Неофицијално, годишната плата ќе му биде 600.000 евра.
„Одлуката да го одберам Бриж ја донесов лесно. Се радувам што ќе играм во еден од најголемите тимови во Белгија, со богата историја и со големи амбиции. Дојдов овде да освојувам трофеи и да стигнам далеку во Европа“, изјави напаѓачот при првото обраќање на белгиската јавност.
И раководството на Бриж не го криеше задоволството од новото засилување.
„Среќен сум со овој трансфер. И покрај младоста на Тричковски, нашата екипа ќе добие на искуство со него. Тој има многу квалитети и може да ’покрие‘ повеќе позиции. Ќе ни донесе брзина, длабочина и голови“, рече тренерот на Бриж, Џорџ Ликенс.
Тричковски настапуваше во АПОЕЛ две сезони, во кои одигра 51 натпревар и постигна 17 гола. Претходно, играше како зајмен играч во Енозис, а ги бранеше и боите на Црвена звезда, на Работнички и на Вардар. По одличната сезона во Лигата на шампионите, за него, покрај Бриж, се заинтересираа и Торино, Рубин и Локерен. (В.А.) |