25.06.2012, 12:51 Кошаркарите успешни на вториот тест во САД
„Црвено-жолтите“ славеа со 97:87 на втората средба со комбинираниот универзитетски состав
Македонската кошаркарска репрезентација го зебележа вториот триумф во подготовителниот период за квалификацискиот турнир за Летните олимписки игри, којќе се одржи од 2 до 8 јули во Венецуела. Избраниците на селекторот Марјан Лазовски на втората средба во Атланта против комбинираниот универзитетски состав славеа со 97:87.
Како и во првиот меч, број еден во македонскиот состав беше Тодор Гечевски, кој постигна 22 коша. Одлично одигра и Дамјан Стојановски, кој забележа 15 поени, а капитенот Предраг Самарџиски оствари 14 поени.
Двоцифрен ефект имаа и Перо Антиќ, Војдан Стојановски и Ѓорѓи Чековски, кои постигнаа по 10 коша.
„И пред заминувањето кажав дека резултатите од овие натпревари ни се во втор план. Тука сме за уигрување, за одржување и за подигнување на формата и, секако, за привикнување на условите, кои се различни од европските земји. Мислам дека во Атланта одигравме квалитетни средби. Екипата од ден во ден изгледа се' подобро и ќе продолжиме во тој ритам и во Порторико. Нашата центарска линија беше импресивна, посебно во вториот меч, во кој Антиќ и Гечевски одлично соработуваа, а многу придонесе и Самарџиски, како и сите останати кошаркари“, изјави Лазовски, кому му остануваат уште осум дена за максимална подготовка за квалификациите за ОИ во Лондон.
Покрај победата, радува веста дека од вчера на македонската кошаркарска експедиција и' се приклучи последниот патник за Каракас, Лестер Бо Мекејлеб. Кошаркарите од денеска се во Порторико, каде што на 27 и 28 јуни во Сан Хуан ќе ги имаат последните два теста пред стартот на вистинското - Каракас. (М.К.)
|