28.06.2012, 14:42 (ЕП ВЕСТИ) Оставка на холандскиот селектор Ван Марвајк
Барселона успеа да го доведе левиот бек на шпанската репрезентација и довчерашен играч на Валенсија, Жорди Алба, кој во следните пет години ќе го носи дресот на Каталонците
По дебаклот на холандската репрезентација на ЕП со три пораза во групната фаза, тренерот на „лалињата“ Берт ван Марвајк се повлече од функцијата. Пред одлуката да си замине, Ван Марвајк изјави дека Ван дер Варт, Хунтелар, Кајт и Хајтинга нема да играат во националниот тим додека тој е селектор на Холандија. Голем дел од холандската јавност смета дека токму ваквата изјава беше причина сојузот да ја прекине соработката со него.
„Ван Марвајк одлично си ја заврши работата на СП 2010, кога не' одведе речиси на врвот. Ова е тажен момент за сите нас, но мораме да бидеме реални“, истакна заменикот-директор на Фудбалскиот сојуз на Холандија, Берт ван Оствен.
Ван Марвајк дојде на кормилото на „портокаловите“ по оставката на Марко ван Бастен во 2008 година.
Жорди Алба пет години во Барселона
Барселона успеа да го донесе во своите редови левиот бек на шпанската репрезентација и довчерашен играч на Валенсија, Жорди Алба, кој во следните пет години ќе го носи дресот на Каталонците. Договорот е вреден 14 милиони евра, а единствено што преостанува се лекарските прегледи.
Во моментов Алба настапува на ЕП во Полска и Украина, а по успехот во пенал-рулетот со Португалија, Шпанија ќе игра во големото финале. Селекторот Висенте дел Боске се очекува, како и досега, Алба да го стави во почетниот состав и во финалето в недела.
Рекордна ТВ-гледаност на полуфиналето
Првиот полуфинален натпревар на ЕП меѓу светскиот и европски шампион Шпанија и Португалија го следеле рекорден број на телевизиски гледачи во Шпанија. Дури 18.141.000 гледачи го следеле пенал-рулетот, продолженијата 16.485.000, а основните 90 минути пред малите екрани ги проследиле 14 милиони гледачи.
Билиќ го донесе Ќорлука во Локомотив
Хрватскиот репрезентативец Ведран Ќорлука премина од лондонскиот клуб Тотенхем во руски Локомотив, чиј нов тренер е досегашниот селектор на „коцкестите“ Славен Билиќ. Ќорлука со рускиот клуб потпиша тригодишен договор, но финансиските детали не се објавени.
„Ведран е дефанзивец од светска класа, поседува голем квалитет и одличен е во скок-играта. Имаше уште неколку понуди, но Ќорлука се реши за Локомотив. И самиот тој ни помогна околу преговорите со челниците на Тотенхем“, пишува во соопштението на Локомотив.
Ќорлука за Тотенхем во претходните четири години одигра 81 првенствен натпревар, во кои постигна еден гол. За Хрватска има 57 настапи, во кои забележа три п��годока.
Бекам изоставен од британскиот тим за ОИ
Поранешниот капитен на англиската репрезентација Дејвид Бекам нема да биде во составот на Велика Британија на Олимписките игри во Лондон. Фудбалерот на возраст од 37 години не беше земен предвид од селекторот Стјуарт Пирс, кој изјави дека претпочита да земе играчи што играат во Европа. Бекам настапува за Лос Анџелес Галакси во американската фудбалска лига, а последен пат на европско тло играш во 2010 година, кога ги бранеше боите на Милан.
Во тимот на Велика Британија не се земени ниту поранешните колеги на Бекам, Велшанецот Рајан Гигс од Манчестер јунајтед, неговиот сонародник и играч на Ливерпул, Крег Белами, ниту, пак, одбранбениот фудбалер на Манчестер Сити, Мајк Ричардс.
|